Убиството на Портнов, кој бил висок советник на поранешниот проруско ориентиран претседател на Украина, Виктор Јанукович, се случило во средата наутро пред Американското училиште во Мадрид, во Подуелo де АларконНепознати вооружени лица го застрелаа и убија поранешениот украински политичар, Андриј Портнов, пред училиште во елитно предградие на Мадрид, пренесува Гардијан. Убиството на Портнов, кој бил висок советник на поранешниот проруско ориентиран претседател на Украина, Виктор Јанукович, се случило во средата наутро пред Американското училиште во Мадрид, во Подуелo де Аларкон. Властите соопштија дека тој бил цел на нападот додека се обидувал да влезе во својот автомобил, црн „Мерцедес-Бенц“. „Неколку лица пукале во него во грбот и во главата, по што избегале во шумска област“, изјавил извор од шпанското министерство за внатрешни работи.
Според локалните медиуми, Портнов ги носел своите деца во училиштето, каде што наставата започнала 30 минути пред пукањето. Тој бил пронајден мртов кога пристигнала итната медицинска помош, а според службите за итни случаи во Мадрид, имал најмалку три прострелни рани.
Полицијата го обезбеди паркингот на приватното училиште, додека хеликоптери и дронови кружеле над областа, во потрага по осомничените убијци. Широко познат како политичка фигура наклонета кон Русија, 52-годишниот Портнов бил вклучен во подготовка на законодавство насочено кон учесниците во Револуцијата од 2014 година во Украина, пред Јанукович да биде соборен од народен бунт. Портнов ја напуштил Украина кратко потоа. Во 2015 година, наводно живеел во Русија, а подоцна се преселил во Австрија. Во последните години, бил предмет на повеќе истраги.
Во 2018 година, украинската служба за безбедност (СБУ) покрена истрага против него под сомнение за државна измама, тврдејќи дека Портнов бил вклучен во незаконското анектирање на Крим од страна на Русија. Кривичниот предмет бил затворен во 2019 година. Во 2021 година, Министерството за финансии на САД воведе санкции против него, тврдејќи дека „Портнов презел чекори за контрола на украинското судство, влијаел на законодавството, се обидел да постави лојални лица на високи судски позиции и да купува судски пресуди“. Портнов, кој исто така бил предмет на санкции од Европската Унија што подоцна биле укинати, според извештај на Радио Слободна Европа/Радио Слобода, живеел во Мадрид најмалку од април 2024 година.
Откако Русија ја започна целосната инвазија врз Украина, Шпанија беше сцена на неколку гласни инциденти поврзани со Руси и Украинци. Во 2022 година, шест писма-бомби беа испратени на цели низ целата земја, вклучувајќи ги шпанскиот премиер Педро Санчез, украинската и американската амбасада и владини канцеларии. Пензиониран шпански државен службеник, кој се спротивставувал на западната поддршка за Украина по руската инвазија, подоцна беше прогласен за виновен за тероризам и изработка на експлозиви. Во февруари 2024 година, руски пилот на хеликоптер кој дезертирал во Украина една година претходно во тајна операција, беше пронајден мртов со прострелни рани во паркинг гаража близу крајбрежниот град Аликанте.
Пукањето во средата беше вториот голем вооружен напад во Мадрид за две години; во 2023 година, десничарскиот шпански политичар и поранешен потпретседател на Европскиот парламент, Алехо Видал-Куадрас, преживеа откако беше застрелан во лицето од маскиран напаѓач во богато маало во Мадрид. Полицијата подоцна уапси пет лица во врска со нападот, но осомничениот напаѓач – француски државјанин со туниско потекло и неколку претходни осуди во Франција – сè уште е во бегство. Извор: Новинска агенција МЕТА