Во компанијата „Renewable Energy Supplies“ (РЕС) која има 16 вработени, просечната месечна плата лани најмногу пораснала – за речиси три и пол пати (236%) и сега изнесува околу 7.000 евра, објави порталот „Пари“. Станува збор за компанија која порано беше во сопствеништво на поранешниот вицепремиер и македонски енергетски могул ставен на американската „црна листа“, Кочо Анѓушев, која сега е во целосна сопственост на бугарска фирма. Во 2023 година просечната плата во Друштвото за трговија и снабдување на електрична енергија изнесувала 125.577 денари или нешто над две илјади евра. Лани таа достигнала 422.554 денари, што е еднакво на 6.870 евра.
РЕС е и во стоте македонски компании кои лани оствариле најголеми приходи, според податоците од Бизнис Мрежа. Трговијата со струја ѝ донела приливи од над 100 милиони евра. Резултатите од работењето се за 3,58 проценти подобри од прекланското остварување од 96,7 милиони евра (5.946.519.542 денари). Сепак, добивката за една година забележала пад од 72,73 отсто. Од четири милиони евра преклани, на 1,1 милион евра лани, пишува „Пари“.
Еден од основачите на РЕС е семејната компанија на Кочо Анѓушев – „Централ Инвест“ и сестринската „Фероинвест“ со електрани чиј вкупен инсталиран капацитет е 35 мегавати. Вториот основач, кој сега е и целосен сопственик на РЕС, е бугарската компанија „Кер токи пауер“. Како што пишува на нејзината веб-страница, таа во Бугарија има сопствено производство од обновливи извори од 90 MW и договори со други производители во својата балансна група со инсталиран капацитет од над 400 MW. А РЕС има склучено и договори за откупување на енергија со 80 други приватни производители во земјата, кои поседуваат хидроцентрали, фотоволтаични централи и био-гасни централи, со вкупна инсталирана моќност од околу 55 MW. Пред нешто повеќе од една година, Комисијата за заштита на конкуренцијата објави известувањето дека бугарското акционерско друштво „Кер токи пауер“ ќе стекне целосна контрола врз македонската компанија. Всушност, ова известување дојде во јануари лани, откако претходно во декември Анѓушев беше ставен на американската „црна листа“, потсетува