Во манастирот „Свети великомаченик Георгиј“ во Криви Дол, Скопје, се одржаа значајни духовни настани за Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Д-р Ѓоко Ѓорѓевски, редовен професор на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје и поранешен декан на истиот, примил монашки постриг и бил ракоположен во јероѓаконски чин, добивајќи го името Георгиј.
Како што е објавено на веб страницата на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, на 27 мај, во навечерието на празникот Оддание на Воскресение, а воедно и денот кога Црквата го слави споменот на светите Гаврил Велички и Ахил Преспански, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан отслужил вечерна богослужба, на која го замонашил проф. д-р Ѓорѓевски во чин мала схима, давајќи му го монашкото име Георгиј. На 28 мај, за време на Божествената Литургија, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан го ракоположи монахот Георгиј во јероѓаконски чин.
– Оваа духовна преобразба и принесување на животот во служба на Христа и Црквата е голема радост за целата наша Света Црква. Особена е честа и благодарноста и за академската заедница на Православниот богословски факултет, каде јероѓаконот Георгиј и понатаму ќе го сведочи Евангелието и ќе го пренесува искуството на верата и богословската мисла на новите генерации студенти – објавено е на веб страницата на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“. Професорот Ѓорѓевски, сега јероѓакон Георгиј, е познат по своето длабоко богословско знаење, лична посветеност и несебична љубов кон Црквата. Неговото монашко и ѓаконско служење е сведоштво за соединувањето на науката и духовноста, на словото и молитвата, на умот и срцето.