И покрај тоа што проблемот постои, студентите се плашат да ги пријават случаите, главно затоа што немаат доверба во институциите и затоа што сметаат дека тие ќе бидат оние што ќе ги сносат последиците. Еден од најголемите корупциски проблеми во високото образование останува купопродажбата на оценки и испити. Иако студентите велат дека професорите им бараат пари за да го положат испитот, тие поради страв, не ги пријавуваат овие случаи. Институциите немаат евидентирани случаи, а универзитетските раководства ги охрабруваат студентите да ги пријавуваат овие лица, со факти, пишува Порталб.мк. 88 анкетирани, над 25 случаи на корупција Преку една јавна aнкета во редакцијата на Порталб.мк пристигнати се над 25 пријави од студенти и поранешни студенти кои велат дека на државните универзитети има корупција и дека има професори кои бараат пари за оценки, испити и за купување на книги. Пријавите што ги добивме се однесуваат на Универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ), Универзитетот во Тетово (УТ), Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (УГД), Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) и Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово и Скопје. За Универзитетот „Мајка Тереза“ и за Универзитетот „Св. Апостол Павле“ не добивме пријави.
Што е наведено во пријавите? За Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ пријави има за повеќето факултети, но меѓу нив води Медицинскиот факултет. Еве што рекоа студентите: „На Медицинскиот Факултет-Катедрата по анатомија“, „на Стоматолошкиот Факултет“, „на Медицинскиот Факултет-анатомија ги мачи студентите по 3-4 години, само за да не запишат трета година на факултет, еднаш им е побарано 2.500 евра“, “од една другарка сум слушнала дека на Економскиот Факултет професорка им барала пари за да им даде потпис на студентите кои не ги следеле предавањата“, „на ФИНКИ“, „дојде на консултации, ја виде тетратката, и рече, ако сакаш да положиш, мора да дадеш нешто“. За Универзитетот во Тетово, пријави има главно за Медицинскиот факултет, но има и за другите факултети. Вака се изразија некои студенти за Порталб.мк: „Многу професори со исто презиме“, „на една другарка ѝ барала пари“, „300 евра за испит“, „не им дава оценки на студентите без да и ја купат книгата“, „кај професорот во втора година не може да положи ниту еден студент без да има врска или без да даде пари“. И на Универзитетот „Гоце Делчев“ доминира Медицинскиот факултет. „На Медицинскиот факултет за 6-ка ми бараа 600 евра, прва година бев, сите одговори ми беа точни. Познавам студенти кои имаат фотографии и видеа како професорката бара и зема пари“, „ова е само на Медицинскиот факултет, до пред неколку години имаше и ценовник за оценки, кој колку пари зема за оценка“, „професорот не ми дава можност да полагам и на овој начин ми изнудува пари“, „Факултетот за медицински науки. Оценки се купуваат во сите 6 години, јас сум најсигурен за 3, 4 и 5 година. Има многу муабети дека се купуваат оценки, главно за важни предмети“.
За Универзитетот „Св. Климент Охридски“ се истакнале следниве случаи: „Професорката од колешката бараше 100 евра за оценка 6, а 200 евра за 8“, „ми бараше 50 евра за да положам, инаку секој пат ми се закануваше дека ќе `ме падне`“. За Универзитетот на Југоисточна Европа пријави има за Факултетот за ИТ. „Во 2019 година бевме принудени да ја купиме книгата за да можеме да го полагаме испитот. Студентите се плашат да пријават И покрај тоа што проблемот постои, студентите се плашат да ги пријават случаите, главно затоа што немаат доверба во институциите и затоа што сметаат дека тие ќе бидат оние што ќе ги сносат последиците. „Се плашиме да не не избркаат од факултет“, „професорката е многу лоша и прави проблеми“, „Затоа што имам слушнато за неколку случаи од пред неколку години кога професорот им се одмаздуваше до тој степен што студентите морале да го слушаат предметот две години по ред“, „не се зема предвид“, „никој не презема нешто“, „ама кој ќе им се спротивстави на тој универзитет каде што сите се од истата партија“, „не знам како кога сите се од истата партија“, „не знам како да да пријавам, немам доволно информации“, „немам таква моќ, истата ќе ми држи предавања и во четврта година“, „затоа што никогаш нема да не помине на испит“, „затоа што е залудно да се пријавува“, „никој ништо не презема“. Универзитетите: Досега не сме добиле пријави
Порталб.мк ги достави резултатите од истражувањето до соодветните универзитети, вклучувајќи ги и имињата на професорите кои ги пријавија до нашата редакција. Повеќето универзитети наведуваат дека до сега немаат добиено официјални пријави за овој проблем, а притоа велат дека ги охрабруваат студентите да ги пријават случаите со факти, гарантирајќи им заштита. Од Универзитетот на Југоисточна Европа потврдија дека во минатото имало пријави за овој проблем, но дека презеле мерки. „Што се однесува на случаите што ги спомнавте, точно е дека во минатото имало неколку професори, вонредни професори, кои доаѓале од други институции и држеле предавања на нашиот Универзитет. По добиените пријави, Универзитетот реагираше и презеде соодветни мерки“, соопштија од УЈИЕ. Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, Дејан Мираковски за Порталб.мк изјави дека внимателно и сериозно ќе ги анализираат сите информации што им ги доставивме. „Во врска со информациите во анкетите, би сакал да потенцирам дека вакви информации претходно немам добиено, ниту јас лично во директна комуникација, ниту пак преку другите канали на комуникација, односно надлежните служби на предметниот факултет или системот за пријавување на корупција, рече Мираковски. Тој додаде дека литературата на овој универзитет е бесплатна и достапна во електронската библиотека. Мираковски, меѓу другото, истакна дека ваквите паушални обвинувања треба да се земаат со резерва, бидејќи против споменатите професори не се поднесени пријави.
„Уште еднаш потенцираме и подвлекуваме дека ги охрабруваме студентите да пријавуваат коруптивни однесувања низ предвидениот систем, за кои ве уверуваме дека ќе бидат сакционирани доколку се утврди нивната вистинитост “, рече ректорот на УГД. Од кабинетот на ректорот на УТ, Јусуф Зејнели, велат дека до раководните лица на универзитетите не пристигнале никакви пријави од ваков карактер. „Ги охрабруваме пред се студентите, вработените во академските единици, граѓаните, а особено медиумите, доколку имаат докази или аргументи, ваквите случаи да ги пријават до факултетите, до ректорите, но и до органите на правдата. Раководството на Универзитетот, согласно законот, ќе преземе соодветни мерки секако ако горенаведените пријави ќе бидат поткрепени со факти“, потенцираат од УТ. Ниту Универзитетот „Св. Климент Охридски“ не добил никаква официјална пријава. „Ви благодариме за приликата да се испитаат наводните шпекулации и претпоставки и истовремено ги охрабруваме сите што се чувствуваат засегнати да доставуваат официјални пријави или докази, за да може точно да се анализира конкретна ситуација и да се преземат соодветни мерки, доколку тоа е потребно. Ве уверуваме дека сите такви случаи ќе бидат третирани со најголема сериозност“, велат од УКЛО. Само од најголемиот универзитет во земјава „Св. Кирил и Методиј“ не одговорија на новинарските прашања. ФПО: Корупцијата во високото образование со епидемиски размери
Корупцијата во образованието е загрижувачка, но корупцијата во високото образование во Северна Македонија е со епидемиски размери. Ова го велат од Форумот за промени во образованието (ФПО). „Секој ден има по еден нов извештај кој го потврдува тоа, но во точката до кај што сме сега, најзагрижувачки е фактот што студентите ги нормализирале овие криминални однесувања на професорите и сето тоа го сметаат за нешто вообичаено, нормално и законско, а всушност не е така“, велат од ФПО. Според нив, решението е кај стручниот инспекторат за високо образование, кој мора да биде непристрасен и некорумпиран. „Тие мора да ги откријат и санкционираат овие случаи, не се работи само за помали прекршоци или кривични дела, тоа се тешки и организирани кривични дела, бизнисот со купопродажба на книги и оценки во оваа земја цвета, а тој е доста организиран, тоа не се само изолирани случаи“, нагласуваат од ФПО. Институциите немаат евидентирано ниту еден случај Од Министерството за образование велат дека според информациите од Државниот инспекторат за образование, не се пристигнати пријави за професори кои бараат пари за испити или оценки. „Министерството за образование и наука ги охрабрува младите да пријават доколку препознаат, односно се соочат со било каков облик на корупција во образованието, бидејќи тоа е првиот чекор за справување со предизвикот“, велат од МОН. Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека минатата година не добиле пријави за вакви случаи. „Ве информираме дека во 2024 година, не се регистрирани кривични дела „примање и давање поткуп“ за полагање испити во кои биле инволвирани професори во високо образовните институции“, соопштија од МВР. Од оваа институција појаснија дека според податоците со кои располагаат, „во периодот од 2020-2023 година не се евидентирани кривични дела „поткуп“ од професори на високообразовни институции. Обвинителството не води статистичка евиденција според мотивот. „Jaвните обвинителства во државава постапуваат по сите поднесени пријави за примање поткуп. Меѓутоа, предметите не се издвојуваат во посебна статистика согласно мотивот за кој биле дадени паричните средства“, велат од Јавното обвинителство. Ниту до Државната комисија за спречување на корупцијата не е поднесена ниту една пријава. Инаку, друг голем и непријавен проблем на универзитетите во Република Северна Македонија останува сексуалното вознемирување од страна на професорите. Пишува: Фисник Џелили Извор: Новинска агенција МЕТА