Денес заедно министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски сме во посета на јавната детска градинка ,,Пеперутка 1” во Драчево, каде во завршна фаза се градежните активности за нејзино проширување и реконструкција.
Се работи за објект изграден во 1964 година во кој се згрижени 90 деца и кој и покрај повеќедецениското постоење досега не претрпел посериозни реконструктивни зафати.
За тоа во каква катастрофална состојба беше, говорат и сликите кои ќе ги видите во прилог.
Токму затоа работевме темелно.
Нови се подовите, ѕидовите, инсталацијата, прозорците, ставаме нова фасада.
Со ангажманот кој го презедовме нашите најмлади жители ќе добијат современи услови за престој, а еднакво важно е што добиваме и дополнителен простор, бидејќи наместо 90, ќе можат да се згрижат 150 деца.
Посебно е важно што акцентот на слободни места го ставаме врз јаслите, бидејќи бројот на новоредени дечиња расте, што секако е добра вест.
Сакам да истакнам дека со завршувањето на овој проект, во Драчево целосно ги затвораме листите на чекање, а листите на чекање во целата општина ги сведуваме на двоцифрен број.
Да потсетам дека на почетокот од мојот мандат повеќе од 400 деца немаа можност да бидат запишани во градинка и чекаа да се ослободи место. Веднаш реагиравме со отворање на две нови градинки, едната во Усје, другата во Драчево, во дворот на објектот ,,Кокиче” чиј капацитет го проширивме за 90 дечиња, започнавме со изградба на нов објект ,,Верверичка”, а обезбедивме и финансиски средства за изградба на уште една нова градинка во Расадник.
По нејзиното завршување, листите на чекање ќе бидат сосема затворени.
Дополнително, инвестиравме и во опрема, дидактички материјали и мебел во постоечките објекти, за што издвоивме околу 17 милиони денари.
Проширување и реконструкцијата на детската градинка ,,Пеперутка 1” во Драчево е уште еден од низата проекти кои се зацртани во мојата програма со цел да се овозможи најпрво да нема чекање ред за во градинка, а потоа и унапредување на условите во овие јавни детски установи, за сите наши деца, во сите населби и населени места.
Децата се нашата иднина и вложувањето во позитивниот детски развој е најдобрата инвестиција што можеме да ја направиме!