Повозрасните жители на општина Карпош од идниот вторник ќе можат да посетуваат бесплатна обука за дигитална писменост и да стекнат практични вештини за примена на паметни телефони, како и за користење електронско банкарство и социјални мрежи. Во рамки на обуката, како што информираат од Општина Карпош, ќе се говори и за основите за користење на електронските уреди, безбедно пребарување на интернет мрежата, креирање и користење на електронската пошта, користење на државните дигитални услуги, онлајн купување, како и користење на популарните платформи и апликации.
Обуките ќе се одржуваат секој вторник со почеток во 18 часот во просториите на основното училиште „Јан Амос Коменски“, а еден час ќе трае 90 минути по сесија. Предавањата се распоредени во 12 недели, а заинтересираните граѓани претходно треба да го најават своето присуство на телефонскиот број 071 376 080. Од Карпош велат дека обуката се реализира во соработка со аутсорсинг компанијата „Таск-ХРС“, преку годишната Програма на локалната самоуправа за еднакви можности меѓу жените и мажите, за која Општината од својот буџет одвои 600.000 денари.