На јујтуб каналот на „Слободна ТВ“ се емитуваше шестото издание на поткастот „Со Ана на ТИ“ со Татјана Алексиќ. Татјана е професорка по македонски јазик и литература во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ и една од ретките која е вљубена во својата професија. Жена која смело и достоинствено се бори за едукација и воспитување на младите луѓе, со цел да имаме физички и ментално здрави генерации. Ја познаваме и по проектот „Сексуална азбука“, кој започна како телевизиска емисија, па премина во колумна и на крајот беше издадена книга или еден вид лексикон за сексуалната терминологија, каде се зборува за љубовта, сексот и сексуалноста, како и објаснување на поими од областа на сексуалната терминологија од А до Ш.
Со Татјана зборувавме за нејзиниот животен пат, од дете па до реализирана жена и професионално и приватно. Зборувавме и за нејзиниот здравствен проблем, длабока венска тромбоза, како и за потребата од сексуална едукација во училиштата. Татјана го кажа и своето мислење за проблемите на младите луѓе, нивното ментално здравје и што најмногу ги мачи во денешно време.