


Во рамките на кампањата „Заедно знаеме повеќе“ на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, караванот предводен од потпретседателката на партијата, Весна Бендевска, заедно со претседавачот на Централниот одбор, Игор Филков, и членовите на Извршниот одбор, Бобан Карапејовски и Ристо Николовски, остварија средба со граѓаните на Кочани. Откако им оддадоа почит со едноминутно молчење на настраданите во ужасната трагедија што се случи во овој град, претседавачот со Централниот одбор, Филков, кој е и министер за правда, се осврна на настаните што следуваа по трагедијата и ја повтори заложбата дека правда за овој случај мора да има, сите околности поврзани со случајот мора најитно да се расчистат, а виновниците, независно од партиската или од етничката припадност да бидат изведени пред лицето на правдата.
Потпретседателката Бендевска искажа сочувство во лично име и во името на партијата до сите што ги загубиле најблиските, членови на семејствата и пријателите на трагично настраданите во Кочани. Граѓаните ги посочија проблемите со кои се соочуваат, а за кои членовите на извршната власт,
како и пратениците во Собранието треба да се заложат за нивно надминување. Координаторот на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Бобан Карапејовски, ја истакна подготвеноста сите проблеми да бидат пренесени и артикулирани и во рамките на партиските
органи и тела, пред претставниците на извршната власт, но и во Собранието.