Верица Трифунова, мајка на трагично починатата Моника Спасова, која загина во ноќниот клуб „Пулс“, испрати длабоко емотивен апел до јавноста, повикувајќи ги граѓаните да се придружат на утрешниот протестен марш во Кочани, кој повторно ќе започне во 16 часот и 5 минути. Во својата порака, Трифунова не само што бара правда за загинатите млади, туку и испраќа крик на очај и надеж – апел до целото општество да се соочи со реалноста на криминалот, насилството, корупцијата и опасноста од дрогата која, како што вели, ни ја уништува иднината на децата.
„Кој има душа, со разум и развиени мозочни ќелии, и застане рамо до рамо со нас родителите, и ќе се бори за правда на убиените ангели – со тоа ќе покаже дека е совесен родител и размислува за иднината на сопствените деца“, изјави Трифунова. Таа додава: „Да застанеме и да кажеме стоп на криминалот, корупцијата, насилството, дилерите… барем тие што ни останаа – половина ни се иселија, од половина што ни останаа, ни ги убија.“ Маршот, кој се одржува под мотото „Правда за убиените ангели“, е продолжение на граѓанските иницијативи во Кочани кои повикуваат на одговорност и темелна истрага за трагичниот случај во клубот „Пулс“, како и посилна борба против криминалните структури кои, според семејствата на жртвите, со години дејствуваат неказнето. Родителите на настраданите млади, поддржани од бројни граѓани и активисти, инсистираат дека оваа борба не е само за нивните деца, туку и за иднината на сите деца во Македонија.
„Тие што преживеаја трајно ни ги оштетија. Ако имате грам совест и човечност, барем за детските животи – придружете ни се“, вели Трифунова во своето потресно обраќање. Протестниот марш започнува точно во 16:05 часот – време што го симболизира моментот на трагедијата и почетокот на борбата за правда.