Вања Андонова, пациентка на Клиниката за онкологија, во објава на социјалните мрежи ја опиша голготата низ која минуваат голем дел од пациентите болни од рак. Нејзината објава ја пренесуваме во целост: „Еден ден од животот поминат на Онкологија. Да си од Струмица и да патуваш до Скопје за една терапија изгледа вака:
1.Станувам у 5ч рано рано. Будам мало дете од 7 години, го облекувам за училиште и викам: Спиј, мама, надвор е уште темно, имаш време за на училиште. А, тоа вели: Зошто мама одиш на болница у темното? Јас: Па, мама, за да завршам и да се вратам порано. Цел ден, од темно до темно, оставам две малолетни деца да се грижат сами за себе. Фала му на Бога што се умни и навикнаа и прифатија дека мора да е така. И демек ќе стигнам порано за да завршам сè порано. Ама не е така. На секоја врата се чека баш убаво долго. Затоа што ЦЕЛАААААА Македонија сме у една клиника. 2.Докторите и сестрите ни паузи не користат за да постигнат да внимаваат на сите пациенти. 3.Една лабораторија за крв. 100 пациенти чекаат ред и сите со таа крвна слика одиме на дневна амбуланта,каде чекаме ред. 4.Уште еден поголем проблем. Младите мед.сестри кои беа на работа си отидоа без плата и без решенија. Недостаток на персонал. 5.Амбулантата која беше само за инекции веќе не работи,така да сега и тие пациенти чекаат заедно со нас кои сме за хемо. 6.Недостаток на столици за седење,тесни ходници за зголемениот број на пациенти. Некои си седиме на скалите,зашто така налага процедурата на лечење. 7.И кога добиваме бројче може да е 29 или 39 или не знам 55. И се чудиш кога ќе дојдеш на ред. И така редот е баш да си одиш дома у темно,зашто нели веќе и си тргнал на терапија у темно. Само да кажам дека добро би било у оваа наша жална напатена Македонија некој треба да мрдне со прсти и да активира мозок. Доста крадете. За каде ви се парите? Ќе си купувате уште џипови? Ќе градите згради? Ќе го купите пола град? Ќе бидете моќници? Ќе не гледате од високо? Само еден БОГ гледа одозгора. И за вас и за нас е тој. Ние се мачиме од вашата незаинтересираност за НИШТОООО. Аман. Некој нешто да направи добро за овој народ. Се лечиме у странство со донации. А вие уште крадете и крадете. Да имавте осет, ќе се срамевте сами од себе. Засрамете се сите без разлика на партија. Одделете во секој град по една соба од болниците за нас онколошките пациенти. Обучете персонал. Секаде во светот така функционираат работите. Ги бркате младите од своите родни куќи за подобар живот да бегаат у други држави. Никој не остана, НИКОЈ. Да надополнам: Еден апарат за Пет скен снимање,од кој зависат многу животи. Само ЕДЕН Е кој понапред да снимат? Бројот на заболени е енормно зголемен и самото тоа по дифолт кажува дека требаат уште апарати. А ако у некоја болница се расипе апарат за снимање,како што се случува често,е чекајте со месеци до пола година да се направи. И ако нема реагенси за снимање,а нема често. Ќе се шетаме од град до град со врски за да се снимиме. Има уште,“ вели Андонова во објавата.