Поранешниот претседател на Германија и шеф на Меѓународниот монетарен фонд и Европската банка за обнова и развој, Хорст Келер, почина денес на 81 година, јавија германските медиуми. Келер починал утрово во Берлин по кратко боледување, опкружен со семејството, соопшти канцеларијата на актуелниот претседател на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, пренесува Ројтерс. Келер беше првиот човек на највисоката државна функција во Германија кој не беше партиски политичар. Тој ја извршуваше функцијата претседател од 2004 до 2010 година, кога ненадејно поднесе оставка по контроверзни коментари за улогата на германската армија во заштита на економските интереси на земјата.
Келер остави трага и во надворешната политика, особено нагласувајќи ја потребата за помош на Африка, како и зајакнување на односите со Полска и Израел. Во говор пред израелскиот парламент, Кнесетот, Келер изрази почитување за жртвите на Холокаустот. Роден е 1943 година во тогаш окупирана Полска, а со семејството избегал во Западна Германија. Кариерата ја започнал како службеник во Министерството за финансии, а подоцна беше претседател на Европската банка за обнова и развој и директор на ММФ (2000-2004). Во писмото за сочувство до Келеровата сопруга, Ева Луиз, претседателот Штајнмајер нагласи дека Германија изгубила високо почитувана и омилена личност. Келер зад себе остави сопруга, ќерка и син.