Вечерва во салата Јане Сандански во Скопје беше најавен концерт на Пеѓа Јовановиќ, кој требаше да започне во 21 часот. Но, како што дознавме од наши извори на самото место, истиот е откажан, поради дојава за бомба.
-Пеѓа има цела армија на обожаватели во Македонија и пред салата беше полно со народ уште час – два пред почеток на концертот. Но, од страна на полициски службеници ни беше кажано да се евакуираме, односно да го напуштиме местото, поради дојава за бомба, раскажуваат наши соговорници. И од МВР за ,,Фокус” потврдуваат дека имало дојава за бомба. Како што појаснуваат, денес во 18.49 часот непознато лице се јавило телефонски во СВР Скопје и и рекло дека во салата Јане Сандански во Скопје, каде вечерва бил закажан музички концерт, има поставена бомба.
-Веднаш се превземени соодветни мерки и присутните во салата се безбедно евакуирани. Во тек се антитерористички проверки и по нивно завршување, доколку е безбеден објектот, концертот ќе продолжи, соопштија од МВР. Накратко потоа, од МВР известија дека во 21.18 часот завршиле сите антитерористички проверки, при што било утврдено дека се работи за лажна дојава и концертот ќе продолжи. Инаку, Пеѓа го откажа првиот скопски концерт поради трагедијата во Кочани, и истиот беше презакажан за вечерва. Станува збор за уметник кој има голем број на обожаватели во земјава, и самиот во неколку наврати изјави дека многу се радува на првиот концерт во Скопје. Публиката веќе започна да влегува во салата, и концертот за кратко ќе започне.
Вики КЛИНЧАРОВА