Денеска во Скопје ќе се одржи деветтото издание на „Вози право, вози здраво“ и по деветти пат, метежот на улиците низ Скопје ќе го прават велосипеди, тротинети, ролерки, бебешки колички, скироли и други еколошки превози средства кои не ја загадуваат животната средина. Стартот на трката, која ја организира Стопанска банка е во 17 часот од Порта Македонија, од каде ќе се вози низ улиците во центар до Градскиот парк, каде што ќе се организира голема забава со многу музика и лотарија со вредни награди за учесниците. Оваа година учесниците на „Вози право, вози здраво“ имаат можност да освојат вредни награди, велосипед, електричен велосипед, часовници, електричен тротинети многу други подароци.
„Вози право, вози здраво“ не е натпревар во вештина на возење или брзина, туку настан каде сите се победници бидејќи придонесуваат за промоција на здравите животни навики и користење на еколошки средства за транспорт. Како дел од овој настан, Стопанска банка секоја година донира во проекти за развој на урбаниот велосипедизам во градските средини, а оваа година донацијата ќе биде наменета за изградба на детски вело-парк во Кочани, со што Банката ќе ја поддржи локалната заедница во овој град преку едукација и развивање здрави навики кај најмладите, се посочува во соопштението од организаторите на настанот.
СВР Скопје соопшти дека денеска во периодот од 17 до 18 часот ќе има посебен сообраќаен режим во центарот на Скопје поради одржувањето на трката.