Во сенка на растечките тензии меѓу големите сили, Вашингтон алармира на можност за нова катастрофа во Пацификот. Имено, додека Индија започнува офанзива против исламистички цели во Пакистан, Кина, според американски разузнавачи, засилено се подготвува за можен судир со Тајван. За ова пишува британски Дејли Мејл каде во свој текст вели дека Кина забрзано ги интензивира подготовките за воен напад врз Тајван. Британскиот медиум се повикува на тврдење на висок американски воен претставник Адмиралот Самуел Папаро, командант на американската Индо-пацифичка команда кој вели дека неговите сили забележале „брза промена“ во движењата на Кинеската Народноослободителна армија (ПЛА). „Кинеските сили продолжија да спроведуваат поморски вежби околу островите дури и по големата вежба со боева муниција минатиот месец, што ги зголеми стравувањата од можен напад од целосен обем во регионот“, рече адмиралот.
Папаро предупреди дека ескалацијата на воената активност на Пекинг укажува на намерата на Кина да стане „глобална сила“, дејствувајќи по своја волја без обврска да ги информира другите кои се навикнати на тоа. „Гледаме воени подготовки и брзи промени. Темпото и обемот на нивните вежби е единствениот нелинеарен настан што ме држи буден дење и ноќе“, рече американскиот адмирал. Новинарски извори во САД тврдат дека кинескиот претседател Си Џинпинг побарал од војската да биде подготвена да го нападне Тајван до 2027 година. Папаро истакна дека последните кинески вежби се „сериозни“ и дека тие го опфаќаат целиот спектар на воени операции, давајќи и ги на Кина сите можни опции. Тој предупреди дека Пекинг може да изврши инвазија или да прибегне кон присилни мерки пред да биде целосно подготвен. Вежбите наречени „Strait Thunder 2025A“, кои кинеската војска ги спроведе минатиот месец, во суштина беа симулација на бомбардирање на пристаништата и енергетските објекти во Тајван.
Во неодамна објавено видео на кинеските социјални мрежи, еден кинески воен функционер вели: „Ако Тајван ги загуби своите поморски линии за снабдување, неговите внатрешни ресурси брзо ќе бидат исцрпени, општествениот поредок ќе пропадне и животите на граѓаните ќе бидат сериозно загрозени“. Предупредувањата на адмиралот Папара ги повтори и генералот Роналд П. Кларк, новоименуваниот командант на американската Пацифичка армија, кој рече дека активностите на Пекинг во Јужното Кинеско Море „го оставиле без зборови него и неговите колеги“. „Ова се непредвидливи времиња. Движењето во спорните води оддалечени 80 наутички милји до Тајван е сериозен предизвик. Треба да се погрижиме Кина да разбере дека сме подготвени да ги одвратиме од такви активности“, рече Кларк. Соединетите Држави одлучија да го „бранат суверенитетот на Тајван“, а во објавениот стратешки документ на Пентагон од април се наведува дека „спречувањето на кинеското освојување на Тајван“ е најважната воена задача на Вашингтон.
Адмиралот Папаро, исто така, предупреди дека Кина го проширува својот воен дофат надвор од Тајванскиот теснец – сè до Австралија и Нов Зеланд. На прашањето за рамнотежата на моќта меѓу САД и Кина, адмиралот рече дека е убеден дека САД ќе победат во евентуална војна, благодарение на супериорноста во војувањето. Сепак, кинеската воена индустрија далеку ја надминува американската: Кина произведува две подморници годишно споредбено со САД кои на годишно ниво успеваат да произведат една. Како што наведува медумот светот брзо се движи кон глобален конфликт меѓу САД и Кина. Кинезите со години се подготвуваат за анексија на Тајван, со што би завршила кинеската граѓанска војна која започна пред 80 години, додека заедно со Русија директно ја предизвикуваат американската хегемонија, посочува медиумот.