По повод Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј-24 Мај, градоначалникот на Општина Гостивар, Ваљбон Лимани организираше средба и заеднички ручек со пензионирани просветни работници од македонска националност од подрачјето на Гостивар.
На неформалното дружење се споделија размислувања, ставови околу образованието и просветната дејност, а наставниците си споделија и по некој спомен од времето кога образувале ученици во училишните клупи.
„Традиционално, по повод 24 Мај се дружиме со пензионерите наставници и учители кои предавале предмети на македонски јазик во училиштата на гостиварско подрачје. Ова е убава прилика да им се заблагодариме за сите генерации кои се плод на нивната работа. Се надевам дека оваа традиција ќе остане да се негува и понатаму“, рече Лимани. Општина Гостивар повеќе години наназад одржува вакви неформални средби со пензионирани наставници Албанци, Македонци и Турци по повод деновите кои се слават како празници на просветата.