Јавното претпријатие Градски превоз Кавадарци ја стартуваше меѓуградската автобуска линија Кавадарци-Неготино и обратно, откако двата града кои се на растојание од околу десет километри речиси три децении беа без меѓуградски автобуски превоз. Граѓаните патуваа или со сопствени возила, или пак со такси, а веста дека линијата повторно ќе функционира беше дочекана со позитивни реакции од мноштвото граѓани, но и не и од такси превозниците кои возат на оваа релација. Тие стравуваат дека ќе останат без поголемиот дел од редовните патници кои секојдневно ги користат нивните услуги. Автобускиот билет во еден правец изнесува 50 денари, а во тек на ден има четири поаѓања од Кавадарци до Неготино и обратно. Со такси возило пак, патувањето во еден правец изнесува од 300 до 350 денари. Кога повеќе патници го делат такси возилото, цената е од 70 до 80 денари по лице.
На голем број на неготинци кои работат во Кавадарци и секојдневно патуваат, оваа линија им дојде како големо олеснување. Велат дека на оние на кои не им се поклопуваат термините на работа со термините на поаѓање на автобусите, сепак ќе мораат да продолжат да користат такси услуги, но линијата е од голема важност за намалување на трошоците на граѓаните од двете општини и добро е што повторно функционира. Веруваат дека ќе има работа и за таксистите, бидејќи протокот на граѓани од една во друга општина не е мал, посебно во работните денови. Инаку, ЈП Градски превоз Кавадарци започна со работа во јануари 2023 година и основната дејност на претпријатието е градски и приградски превоз на патници, превоз на ученици, како и превоз на лица од ранливите категории и пензионери.