Со стихови од Григор Прличев и Константин Миладинов, како и од Адем Гајтани, Саме Лимани Жарноски, Гого Ивановски, Игор Исаковски, Абдулазис Ислами, Славко Јаневски, Фахри Каја, Бистрица Миркуловска, Георги Сталев и Лилјана Чаловска вчера беше отворено второто издание на Деновите на поезијата, во организација на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и Скопје Сити Мол.„Овие Денови се задача, мисија и повик за преоткривање на светот на поезијата во изнаоѓање нови алтернативни начини на нејзина промоција како витален и незаменлив, ненадоместлив простор на човековиот израз и креација“, изјави на отворањето на Деновите на поезијата директорката на Институтот за македонска литература Наташа Аврамовска, која се осврна и на јубилеите врзани со македонската азбука и јазик.
– Го чествуваме годинава и пргавиот и упорит дух на галичанецот Ѓоргија Пулевски, рече Аврамовска, кој пред век и пол го објави својот тријазичен речник во којшто македонската лексика се јавува напоредно со албанската и турската, а пет години подоцна се појави и како автор на првата македонска граматика. Преплетувајќи ги на највешт можен начин поетскиот и научниот збор, директорката на Институтот за македонска литература зборуваше како за поетите така и за „Абецедарот“ објавен во Атина пред 100 години со намена да го користи македонското национално малцинство во Грција, за „докторската дисертација на балто-германскиот лингвист Леонард Готхилф Мазинг со што особеностите на македонскиот јазик како предмет на научно проследување стекнуваа легитимитет и на највисоко академско рамниште во рамките на европската наука за јазикот“ уште пред 135 години, како и за 80-годишнината од кодификацијата на стандардниот македонски јазик.
Пред импозантниот број посетители, меѓу кои голем број на членови на семејствата на јубиларите, свеченото отворање го водеше Никола Ристановски, кој посочи на една од идеите водилики на оваа манифестација: да им се даде збор на сите генерации македонски поети, од втемелувачите до најмладите. – А меѓу втемелувачите се вбројува и оној блескав поет, гладен и босоног во детството, а крунисан со ловоров венец во пладнето на неговиот живот, прославен од своите славни учители и ученици, а руган и презрен од сите властодршци, нашиот „Втор Хомер“, Григор Прличев, нагласи Ристановски, пред да прочита извадоци од „Сердарот“ и да ги најави браќата Миладиновци, чиј Зборник „во допирот со сегашните генерации го воспоставува оној нужен историски континуитет без кој сегашнината на нашата литература не би можела правилно да се разбере и оцени“, според зборовите на духовниот татко на манифестацијата, Ацо Шопов. Поезијата на Ацо Шопов беше претставена во огледало со поезијата на Леополд Седар Сенгор. Никола Ристановски и Игор Џамбазов, со придружба на Петар Ренџов, маестрално го изведоа перформансот „Сенгор – Шопов: Паралели со допирни точки“ според сценариото на Јасмина Шопова.
Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ја најави средбата со современите македонски поети, членови на ПЕН центарот и добитници на наградата „Ацо Шопов“, која ќе се одржи во среда 21 мај, под наслов „Во дослух со Шопов“. – Ми причинува големо задоволство што во својство на претседател на Македонскиот ПЕН центар ќе имам можност да ја анимирам оваа поетска вечер во која ќе учествуваат петмина современи поети со чии стихови македонската поезија го премина прагот на третиот милениум, изјави Мартиновски. Со Зоран Анчевски, Славе Ѓорго Димоски, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Раде Cилјан и Иван Џепаровски ќе разговарам за нивната поезија како и за нишките кои ја поврзуваат нивната поетика со поетиката на Шопов, а се разбира акцентот ќе биде ставен на нивните стихови. За „допирот на генерациите“ ќе дознаеме повеќе од „Диптихот“ Санде Стојчески, роден во 1948 година, и Павлина Атанасова, родена речиси половина век подоцна, кои исто така во среда ќе разменат мислења на оваа тема и ќе прочитаат свои стихови. Мартиновски го привлече вниманието на публиката и на разговорот тема „Македонско-грчки поетски координати“ кој ќе се одржи истиот ден.
– Двајца млади творци, Сотирис Минас, кој дојде од Атина специјално по овој повод, и Иван Антоновски, ќе разговараат за мостовите кои преку поезијата се граделе, се градат и ќе се градат меѓу нашите две култури и нашите два народа, подвлече Мартиновски. Посебно емотивно дожививање на отворањето на Деновите на поезијата предизвика настапот на членовите на семејствата на дел од поетите на кој им беше оддадена почит. Песната „Сенки“ од Гого Ивановски, по повод стогодишнината од неговото раѓање ја прочита неговиот правнук, Јанко Ивановски, ученик во 7 б одделение, во училиштето „Ацо Шопов“ од Скопје, Џабир Ахмети го прочита својот препев на македонски од песната „Врата“ на неговата ќерка Линдита, која прерано го напушти овој свет во април минатата година, а еден од „ракописите – душописи“ на непрежалениот Михаил Ренџов прозвучи низ акордите на гитарата на неговиот син Петар и гласот на неговиот пријател Сашо Гигов-Гиш. Народниот мелос на песната „Две китки, две девојки“ од композиторот Љупчо Трајковски-Фис, и современиот аранжман на Петар Ренџов, ја преведоа во јазикот на музиката идејата водилка на овој настан: “допирот на генерациите“ и „нужниот историски континуитет“.
Токму од овие причини ги поканивме најмладите меѓу нашите таленти од драмската и музичката уметност – Анастасија Трајковска и Давид Димоски, студенти од класата на Ангелчо Илиевски, и Никола Ѓоргиев и Антонио Трајкоски, студенти од класата на Драган Даутовски – да му се придружат на Никола Ристановски во изведбата на стиховите на втемелувачите на македонската современа поезија. Утрештниот ден, вторник 20 мај, ќе биде во знакот на младите, со настапи на учениците од ОУ „Владо Тасевски“ и од гимназијата „Никола Карев“, како и на поети избрани на повикот „Скопје СИ ТИ“, во организација на ПНВ Публикации и Култура Бета. На поетската сцена во Скопје Сити Мол ќе настапат дебитатните: Јована Алексовска, Селин Есад, Христијан Илиевски, Максим Костадинов, Нино Наумовски, Милена Неделковска, Клаудио Серафиноски, Фотиј Сионис, Симона Срезовска, Бисера Стефановска, Методија Тасевски и Дарија Трендафиловска. Во знак на јубилејот 80 години од македонската азбука, издавачката куќа „Чудна шума“ ќе организира работилници за деца на тема „Азбукварка”, според книгата на Ванчо Полазаревски и Наташа Костовска, додека Ласко Џуровски ќе разговара со Јулијана Величковска за предизвиците на типографската професија и правилно користење на македонската азбука на интернетската платформа – тема која е од особен интерес за денешната младина. Агендата на Деновите на поезијата 2025 е достапна тука Повеќе информации за Деновите на поезијата 2025