Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски потврди за МИА дека од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска е побаран вонреден инспекциски надзор да биде извршен во Општата болница во Кавадарци и на Детска клиника во Скопје, во врска со смртта на тригодишното дете од Кавадарци. Родителите на момчето кое почина вчера изутрина на пат кон скопските клиники, ги повикуваат надлежните во државата да испитаат можна лекарска грешка во врска со смртта на нивното дете.
–Сабајлето во дваесет минути за три часот ме разбуди сопругата со детето во рацете омалаксано и ми рече да станам брзо оти не е арно синчето. Најпрвин побаравме лекарска помош во Кавадарци, но ми се чини дека нашата ситуација не беше сфатена сериозно. Затоа бараме да се формира комисија која ќе ги утврди точните околности под кои настанала смртта, ни почина во рацете, рече таткото Тони Стојанов. Како што претходно соопштија од полицијата, тригодишното детенце било донесено починато на Детската клиника во Скопје. Од полицијата велат дека во службен разговор, неговата мајка Т.Ѓ.С.(36) од Кавадарци изјавила дека околу 3:00 часот го однела во Општата болница Кавадарци, од каде ги упатиле во Клиниката за детски болести при Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што во 8:45 часот била констатирана смрт.