По иранскиот ракетен напад врз Израел, вкупно 135 лица беа примени во израелските болници. Медицинскиот центар „Волфсон“ во Холон, израелски град во областа Тел Авив, соопшти дека примил 65 повредени по најновиот напад од балистички ракети од Иран, објави „Тајмс оф Израел“. Се наведува дека петмина се во критична состојба, седум се во умерено сериозна состојба, а останатите се лесно повредени.
Медицинскиот центар „Шамир“ во Бер Јаков наведува дека 28 лица се лекуваат во оваа медицинска установа. Едно лице е во критична состојба, едно е во умерено сериозна состојба, 20 се полесно повредени, а шест лица се примени поради анксиозност. Медицинскиот центар „Шеба“ во Тел Хашомер објави дека 37 лица се примени со полесни и умерени повреди. Болницата „Асута“ во Ашдод во соопштението наведува дека по иранските ракетни напади се примени пет лица, од кои едно е во критична состојба, а четворица се во умерено сериозна состојба.