Општина Кисела Вода за првпат годинава ќе доделува еднократна финансиска поддршка за најранливите категории пензионери. Финансиска помош по 2500 денари ќе добијат сите пензионери кои примаат старосна, инвалидска, семејна или социјална пензија и се жители на оваа општина, а чии месечни примања не надминуваат 22.640 денари според јануарскиот чек за 2025 година. Општината ќе го покрие и персоналниот данок, кој не е пресметан во овие средства. Помошта ќе се доделува се до исцрпување на предвидените средства во буџетот на Општина Кисела Вода бо износ од 7.000.000 денари.Нашите највозрасни жители, пензионерите, заслужуваат сигурност и достоинствен живот, а ние како локална самоуправа правиме сè што е во наша моќ да им го олесниме секојдневието.
Оваа мерка е уште еден чекор во континуираната грижа за повозрасните сограѓани, со која даваме конкретна финансиска помош, но и јасна порака дека тие не се заборавени. Во изминатиот период воведовме бесплатен транспорт за пензионерите до здравствени и административни институции, проектот ,,Итно копче” кој овозможува брза реакција во итни ситуации, како и програмата за грижа и нега на повозрасните лица. Сите овие мерки се резултат на нашата посветеност да создадеме општина во која секој пензионер ќе има подобар квалитет на живот, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Градоначалникот истакнува дека ова не е еднократна акција, туку дел од долгорочна стратегија за подобрување на условите за нашите сограѓани. Јавниот повик ќе излезе во утрешниот број на весникот ,,Слободен печат” како и на општинаската веб страна, каде што ќе можат да се најдат сите информации и критериуми. Аплицирањето започнува од утре и ќе трае сѐ до исцрпување на средствата предвидени за оваа мерка.