Лицемерието е комплимент што злото ѝ го упатува на доблеста! Тоа значи дека гревот на дволичноста, лажното „правење лице“, лицемерието или хипокризијата, е однесување на самото зло, но само во ситуации кога тоа е свесно дека чини нешто лошо, грев или злостор, па мисли консеквентно дека доблеста е правилото на однесување и дека јавниот увид во неговиот грев може да му наштети. Некни, или некој ден претходно, гледајќи интервју со брилијантниот Норман Финкелстин (американски професор по политички науки, чиишто обата родители биле полски Евреи што ги преживеале ужасите на холокаустот – мајка му од Варшавското гето била депортирана во Мајданек, а татко му во Аушвиц – кои иако по војната се скрасиле во САД, никогаш не престанале да им искажуваат благодарност на народите на Советскиот Сојуз како најзаслужни за победата над Хитлерова Германија и европскиот фашизам и како вистинските ослободители од пеколот на концентрационите логори, при што тој, професорот Финкелстин, стана познат 2000 година со извонредната и многу влијателна книга „Холокауст индустријата“, во која со непобитни материјални докази и методична критичка мисла докажува дека израелската држава, практично од своето основање и сè повеќе како мине времето, го експлоатира сеќавањето на холокаустот како идеолошко оружје со кое си обезбедува имунитет и неказнивост за сопствената криминална и злосторничка политика кон Палестинците, што Финкелстин ја квалификува како злостор на израелската расистичка и супрематистичка апартхејд држава, а сето тоа во услови кога веројатно ќе морам да ја затворам заградава и да ја сопрам дигресијава што се заканува да го преплави сиот простор на колумнава), и така, следејќи го интервјуто на Финкелстин, ко брилијантен куршум да ми пројде низ главата кога го слушнав како ја кажува, повторува и објаснува следнава севселенска изрека: „Лицемерието е комплимент што злото ѝ го упатува на доблеста“.
Актуелноста на изреката за гревот и доблеста е неспорна, особено за американската политичка сцена, зашто со повторниот избор на претседателот Трамп мнозинството на американци покажаа дека се преку нос заситени од одвратното лицемерие на демократите, всушност и од републиканците, а практично од повеќето досегашни претседатели со потекло од елитниот политички естаблишмент, било да се од династијата на Клинтонови (Обама, Бајден), било да се од династијата на Бушови (Буш помладиот). Тоа ја објаснува и шармантната и дури неодолива искреност на Трамп додека ги тропаше своите 40.000 проверено лажни изјави во минатиот мандат, или додека ги држеше предизборните говори или неодамнешните претседателски: Трамп и без оваа убедлива победа на избори никогаш не чувствувал потреба да и упатува комплименти на доблеста! И токму затоа читам дека безмалку сите високоумни политички аналитичари и известувачи на Парнас од западна провениенција, се повторно во тешка заблуда кога го обвинуваат Трамп дека наместо на „непријателите“ на Америка, тој првин им се намерил на „пријателите“. Па, тој сосем инфантилно и обезоружувачки искрено си ги побара Канада и Гренланд, а од европските нато-вазали побара да го плаќаат натовското pizzo не од 2 туку дури од 5 насто од бруто-домашниот производ, додека на нивните контроверзни милитаристички и зелени политики јавно си го испразни мочното бабуле.
Вазална Европа: Она што заглупавената вазална Европа очигледно не може да го сфати е дека токму политиката на Бајден по руската инвазија на Украина беше смртоносно антиевропска, зашто ја предизвика и ја испровоцира руската воена реакција со сопствената милитаризација на Украина, значи обезбеди војна на европска почва што секогаш кога се случува – и во Првата и во Втората светска војна – завршува со економско уништување и банкротирање на Европа од една страна, и ненормално богатење на САД од другата. Исто така, европските „пријатели“ со одушевување ја прифатија самоубиствената политика – креирана во САД – на одбивање да продолжат да ги купуваат руските енергенти, за да ги заменат со три пати поскапите американски, или – што е уште помалоумно – повторно со руски, но овој пат значително поскапи, зашто се набавени преку трет посредник. Така што и во претходната Бајденова администрација Америка сурово удри по своите „пријатели“, веќе сега турнати по несопирлива удолнина, во деструктивна деиндустријализација и економска депресија, што можеби придонесе и за комплетното губење на политичкиот суверенитет и субјективитет на Европската Унија на сметка на својот „сојузник“, „пријател“ и сега неприкосновен хегемон отаде Атлантикот. Запрепастува фактот што европските елити не реагираа на самиот чин на забивање бодеж во црниот дроб од страна на нивниот голем пријател, стратешки партнер и заштитник, туку дури сега задоцнето врескаат на Трамповите искрени инфантилизми. Ним практично им зафалуваат комплиментите што претходната администрација им ги упатуваше на светите доблести и вредности на „слободниот свет“, и исто така детинесто се лутат кога тие лажни изјави веќе не се во вокабуларот на Трамп. Ниту една авторитарна десничарска власт со ултранационалистичка идејна основа немала потреба од упатување на комплименти на (за нив) редундантните доблести и импотентни вредности!! Историскиот фашизам никогаш не чувствувал потреба да ѝ упатува комплименти на доблеста, зашто искрено веруваше во своите заумни, расистички и супрематистички „вредности“, што го однесоа светот во најголемата воена катастрофа во историјата. Денес е светот повторно на работ од слична катастрофа и на чудно сличен начин повторно потполно несвесен за тоа. Основните својства на историскиот фашизам и неговото чедо нацизмот: ултранационализмот, расизмот, глобалниот хегемонизам и единството на економската и политичката моќ, денес се поделени помеѓу спротивставените фракции на капитализмот, на таканаречените либерални и нелиберални капиталистички демократии.
(Со внимание да не ја растегнам премногу и оваа дигресија, морам да напомнам дека вообичаените и широко употребувани поими „либерални“, „илиберални“ и „демократии“, и тука се употребуваат како во сите главни медиуми, само како конвенција што нема никаква врска со суштината и вистинското значење на зборовите, зашто не се работи ниту за либерални ниту за демократски појави, туку за безначајни разлики во олигархискиот капитализам што владее практично со целата планета). Елем, милитаризмот, единството на економската и политичката моќ и глобалниот хегемонизам од фашистичката формула се својство на таканаречените „либерални демократии“, додека „илибералните демократии“ ги краси фашистичкиот ултранационализам, расизам, супрематизам и традиционален конзервативизам. И, да, драматичната разлика помеѓу двете единствени опции на американскиот – но и глобалниот! – политички хоризонт е што едните сеуште чувствуваат потреба да и упатуваат комплименти на доблеста, додека другите, вмровците, се ослободени од сите пранги на лажната моралност.