Салим Сулејмани пратеник од крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, објави дека поднел оставка од сите функции во партијата, но и од функцијата пратеник во Собранието. Тој објаснува дека неговиот политички ангажман произлегол од чувство на одговорност и желба за вистинска промена, а не од лична амбиција, нагласувајќи дека учеството во коалицијата ВЛЕН било мотивирано од потребата за соочување со, како што наведува, неуспесите на ДУИ и нивната злоупотреба на власта.
-Коалицијата ВЛЕН не беше случаен политички сојуз. Се роди како неопходен и одложен резултат на длабокото разочарување што Албанците го доживуваа со години од ДУИ, партија која повеќе од две децении е дел од владата и се претставува како легитимен претставник на Албанците, но реалноста покажа спротивното, таа се трансформираше во изолирана структура, тесно поврзана со лични и клански интереси, злоупотребувајќи ја моќта за богатење на неколку поединци и игнорирајќи ги проблемите на обичните граѓани. Партија која некогаш доаѓаше со ветување за достојна застапеност, но на крајот стана симбол на корупција, ароганција и заробување на државата. Станав дел од ВЛЕН затоа што верував дека оваа коалиција е создадена токму како антипод на оваа структура, како политичка алтернатива која има за цел да ја врати надежта, да ја врати правдата и да им даде на Албанците достојна застапеност што им недостасуваше со години, посочува Сулејмани. Сулејмани истакнува дека неговата кауза не завршува тука, туку ќе продолжи уште посилно, но во други форми на ангажман, со цел, како што наведува, да служи на граѓаните уште поефикасно.
-Ветувам дека многу скоро ќе ги почувствувате резултатите и ќе ги видите трагите од мојот ангажман во иднина. Барам само трпение и разбирање, додека вистината не излезе целосно на површина, стои на крајот од објавата на Салим Сулејмани.