Вчеравечер, 2 март, во 21 часот на скопскиот аеродром слета првиот лет на холандската авиокомпанија Трансавиа, со што се означи воведувањето на новата авиолинија Амстердам-Скопје-Амстердам, соопштија од ТАВ Македонија. По 12 години пауза, Скопје повторно по воздушен пат се поврза со Амстердам, преку втората по големина авиокомпанија во Холандија која е дел од групацијата КЛМ. Холандската авиокомпанија ќе лета на релација Амстердам-Скопје-Амстердам двапати неделно, во четврток и во недела.
Во четврток, авионите на холандската авиокомпанија ќе пристигнуваат на скопскиот аеродром во 9:35 часот, а ќе полетуваат кон аеродромот Шипхол во 10:25 часот. Во недела, Трансавиа ќе слетува во главниот град на Македонија во 20:45 часот, а ќе полетува кон главниот град на Холандија во 21:35 часот. Детали за достапноста и резервацијата на авиобилети, како и за времињата на пристигнување и заминување може да се најдат на веб-страницата на Трансавиа.
„Со оглед на тоа што Амстердам е една од најживописните дестинации во Европа, овој лет не само што ќе ги приближи луѓето до светските историски атракции и колекции на голема уметност, туку ќе им овозможи и на туристите да ги искусат неговите живописни пејзажи”, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
“Со додавањето на Скопје во нашата мрежа, им нудиме на нашите патници уште повеќе можности за патување во рамките на Европа. Без разлика дали е тоа патување за се види нов град или бизнис-патување, Скопје ќе ве воодушеви. Градот е уникатна дестинација кон ве остава без здив и се наоѓа во убава земја. Многу сме горди што ќе летаме на оваа рута”, изјави Марсел де Нојџер, Главен извршен директор на Трансавиа.