По објавата дека американскиот претседател Доналд Трамп издал наредба да се запре испраќањето на воена помош за Украина, Киев не ја крие својата шокираност. Олександр Мережко, украински пратеник од партијата на претседателот Зеленски, рече дека е „шокиран“ од веста за одлуката на Трамп да ја укине воената помош за Украина. Говорејќи за Би-би-си, тој рече: „Она што се случува е неверојатно. Ниту во моите најлоши кошмари не можев да замислам дека Трамп може да ја прекине воената помош за Украина во време кога ни е најпотребна“. Мережко смета дека американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да ги турне Украина и Европа настрана за да постигне договор со Русија.
„Мислам дека господинот Трамп треба сериозно да размисли како ќе остане запаметен во историјата. За мене ова е ден кој ќе остане во историјата како срамен“, заклучи тој.
Тој додаде дека одлуката на администрацијата на Трамп да ја прекине воената помош за Украина потсетува на отстапките направени на Адолф Хитлер во 1938 година, кога беше потпишан Минхенскиот договор. „Сопирањето на помошта сега значи да му се помогне на Путин. На прв поглед, ова изгледа многу лошо. Изгледа дека Доналд Трамп нè турка кон капитулација, кон прифаќање на руските барања. Најлошото е што ова е психолошки и политички удар за Украина – тоа не му помага на нашиот морал и е многу опасно“, истакна Мережко. На 30 септември 1938 година, Германија, Велика Британија, Франција и Италија постигнаа договор со кој нацистичка Германија ѝ дозволи да ја анектира Судетската област, тогашниот западен дел на Чехословачка. Ова беше еден од настаните кои ѝ претходеа на Втората светска војна.