Во населбата Инџиково, денеска пред споменикот на херојски загинатиот Горан Стојменовиќ се оддржа настан за одбележување на 10-годишнината од вооружениот напад во кумановско Диво Насеље, кој се случи во 2015 година, а во него животот го загубија осум припадници на МВР. Од Општина Гази Баба информираат дека на овој настан, пред присутните се обратија министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски и член на семејството на Горан Стојменовиќ.
-Никогаш во ниедна страница на македонската историја, нема да избели споменот на кобниот мај пред 10 години, денот кога нашите македонски јунаци, припадници на Министерството за внатрешни работи ги положија своите животи во жестокиот судир за одбрана на нашата татковина – истакна министерот Тошковски.

Градоначалникот Стефковски, нагласи дека Македонија загуби осум свои синови, луѓе со имиња, семејства и соништа.
-Тоа беа луѓе кои облекоа униформа не поради должност, туку поради верба дека Македонија колку и да е мала, заслужува мир, безбедност, а пред и над се достоинство! Нивната жртва не е само симбол на трагедија. Таа е симбол на храброст и љубов кон татковината – изјави Стефковски
Во знак на длабока почит и сеќавање, по повод 10-годишнината од трагичните настани во Диво Насеље, во чест на загинатите беа пуштени 8 бели балони кон небото испишани со имињата на осуммината херои кои трагично го загубија животот во одбрана на Македонија.