Стигна нова потврда на објавите на Фактор за можно преземање на Стопанска банка Битола од страна на Алта Груп ДОО Београд. Како што веќе пишувавме српската Алта банка најавува дека има намера да даде понуда за преземање на Стопанска банка Битола. Уште претходно, за оваа ценовно чувствителна информација Стопанска банка Битола ја извести Берзата преку транспарентна објава.
Најнова потврда во врска со можното преземање на Стопанска банка е податокот дека до Комисијата за заштита на конкуренцијата пристигнало известување за концентрација со која Алта Груп ДОО Београд ќе стекне контрола над Стопанска банка Битола.За учесниците во концентрацијата и нивни деловни активности се наведува дека српската групација е со претежна дејност друго монетарно посредување и не остварува приход во Македонија. А, битолската банка е една од регионалните комерцијални банки на македонскиот пазар со долга историја на деловна активност и силно присуство во областа на финансиските услуги – прибирање депозити, одобрување кредити, платен промет, електронско банкарство…
– За потребите на оценка на предметната концентрација, подносителот на известувањето предлага релевантниот пазар на производи да се дефинира како пазар на пружање на банкарски услуги, а релевантниот географски пазар да се дефинира како територијата на Република Северна Македонија. Врз основа на прелиминарното испитување Комисијата утврди дека предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата. Сепак конечната одлука по ова прашање е резервирана – пишува во објавата на КЗК.
Притоа, Комисијата ги повикува заинтересираните трети страни да достават свои забелешки и мислења за оваа концентрација. А, веќе тече дадениот десетдневен рок. Фактор и претходно објави дека српската Алта банка, некогашната ЈУБМЕС банка, е заинтересираниот и можен купувач на Стопанска банка Битола.
Според пребарувањата на интернет, може да се види дека станува збор за српска комерцијална и инвестициска банка со седиште во Нови Београд во главниот град на Србија. Основана е во 1979 година како ЈУБМЕС банка, а во 2020 година го смени името во Алта банка по промената на сопственичката структура.
Како што сега стои на веб страницата на Банката, вкупниот акционерски капитал на АЛТА банка а.д. Белград се состои од 417.042 обични акции, а сите акции се во сопственост на правното лице, акционер ALTA PAY GROUP doo.Просечна цена на акција на Стопанска банка Битола е 3.230 денари. Во последните 52 недели, според податоците од Македонска берза, забележани се 337 трансакции, а последното тргување е од петокот (30 мај).