По бурниот натпревар меѓу екипите на МКК Куманово и КК Чаир кој вчера се одигра во спортската сала на СОУ „Перо Наков“, автобусот на гостинската екипа заврши со графити со националистички пораки. Управата на МКК Куманово, денеска ги осуди случувањата од вчерашниот меч, кој беше прекинат во втората четвртина и кога судиите одлучија да ги испразнат трибините каде беа кумановските навивачи. – Упатувам јавна осуда за сите недолични однесувања во текот на вчерашната средба, воедно и испишувањето графити врз автобусот на КК Чаир. Како управа се оградуваме од вакво недолично однесување кое не е во спортскиот дух, особено од сите случувања надвор од Спортската сала, изјави Ненад Стојановски, претседател на МКК Куманово. Откако навивачите на Куманово беа отстранети од салата, настрадал автобусот на гостинскиот тим, на кој биле испишани навредливи пароли на национална основа.
Освен од МКК Куманово, осуда за ваквите настани денеска пристигна и од управата на КК Чаир кои бараат надлежните институции да преземат мерки. – Спортот треба да биде место на почит, здраво ривалство и обединување, а не омраза и вандализам. Апелираме до надлежните институции веднаш да преземат соодветни мерки и да го истражат овој инцидент, за ваквите појави да не се повторат во нашите спортски арени, стои во соопштението на Чаир. Од Секторот за внатрешни работи Куманово денеска во соопштение информираат дека натпреварот бил прекинат, а полицајците го забележале и автобусот со пароли. – На 30.03.2025 година при вршење на физичко обезбедување од страна на полициски службеници од СВР Куманово на кошаркарски натпревар во спортска сала на средно училиште во Куманово било забележано дека на автобус на гостинските играчи била напишана парола со навредлива содржина. Увид извршила екипа од СВР Куманово и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од кумановската полиција. Инаку, МКК Куманово вчера го доби натрепварот со Чаир со резултат 97:74, кој се одигра по долга пауза додека траеше празнењето на трибините.
View this post on Instagram