Од Владата денеска, во суштина повторувајќи го она што го напиша министерството за животна средина, соопштија дека не нашле ништо спорно во документите кои ги достави СДСМ, односно немало ништо незаконско. Премиерот Христијан Мицкоски денеска доби документи од опозицискиот Социјал-демократски сојуз на Македонија (СДСМ), во кои наводно има индиции за корупциски скандал во кој е инволвиран првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити. Неколку часа подоцна од Владата пристигна соопштение до медиумите во кое се вели дека сè е според закон. Опозициска партија претходно јавно објави дека Државниот управен инспекторат минатиот месец му ги одзел ингеренциите на Меџити во делот на потпишувањето на административни документи заради прекршување на процедурата. По тоа Мицкоски побара доказите да му бидат врачени нему. Од СДСМ информираа дека документите го добиле од свиркачи според кои Меџити наводно незаконски ги заобиколувал институционалните процедури со цел лично да одлучува кои акти и предмети ќе бидат одобрени или стопирани. Тие јавно објавија Известување од Управата за животна средина до нивните раководители кое веројатно е дел од документите што се доставени до Мицкоски. Истото известување само на албански јазик, го објави и Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Во Известувањето испратено на 28 јануари се споменува дека Државниот управен инспекторат го опоменал в.д. директорот на Управата за животна средина, Игор Никоски, да ги отстрани неправилностите и недостатоците во однос на раководењето со интерните доставни книги на Управата. Меѓу другото се наложува да се почитува Упатството за постапување со канцеларискиот материјал. Тоа значи сите документи и списи, откако ќе бидат заведени во деловодникот, уште истиот ден или најдоцна следниот дена на почетокот на работното време да се процесуираат понатаму. Исто така, се наложува движењето на документацијата да се нотира во интерна доставна книга со датум и потпис од раководителот. Се наведува исто така дека в.д. директорот на Управата за животна средина ќе ги потпишува и доставува актите се во нејзина надлежност за поврзани со повеќе закони, меѓу кои:
- Законот за животна средина,
- Законот за управување со отпад,
- Закон за управување со дополнителни текови на отпад,
- Закон за управување со пакување и отпад од пакување,
- Закон за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема,
- Закон за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад,
- Закон за водите и,
- Законот за заштита на природата.
Дополнително, во Известувањето се бара Управата да ги спроведува сите управни дејствија во постапките, односно да ја следи процедурата пред да се издадат управните акти во надлежност на министерот.

„Согласнот дадените насоки, управните акти на Управата ќе ги потпишува в.д. директорот како овластено службено лице“, се вели во Известувањето. Токму овој дел од документот, според СДСМ, е спорен и значи дека на министерот му се одземени овластувањата за потпишување на управните акти.

Она што исто така може да се заклучи е дека Државниот управен инспекторат барапобрзо да се третираат документите и истиот ден кога ќе бидат заведени да се процесуираат. Оттука се поставува прашањето дали тоа значи дека некои од актите биле држени во фиока иако за нив течеле управните рокови. Во ваква ситуација тоа би создало притисок и врз компаниите кои бараат одобренија и дозволи од Управата, но и врз Управата која е одговорна за почитување на роковите.
Во ваква ситуација е можно да бидат поднесени пријави до Управниот инспекторат кој би направил инспекциски надзор и би донел решение слично на она што се споменува во известувањето кое го објавија опозициските СДСМ и ДУИ.
Но, од Министерството за животна средина ова го демантираат. Според нив, контролата која е направена во Управата била редовна, а не по пријава.
Според нивниот демант, Управниот инспекторат навистина издал решение по направената контрола, но тврдат дека во него имало само опомена и забелешки од технички аспекти на архивското и канцелариското работење што не може да се нарече скандал.
Од Министерството велат дека не била констатирана злоупотреба на службена положба или друг вид на незаконско постапување.
„Начинот на канцелариско и архивско работење во Министерството за животна средина е воспоставен уште во 2017 година и оттогаш непроменето се спроведува од сите министри кои раководеле со министерството – и од редовите на СДСМ и ДУИ. На овој начин на работа постапувале министрите Нурхан Изаири, Башким Амети, Садула Дураку, Насер Нуредини и Каја Шукова. Ова значи дека евентуалните забелешки на инспекторатот не се поврзани со работата на актуелното раководство, туку со континуиран административен процес кој е наследен од претходните години“, стои во соопштението на министерството. Од Владата денеска, во суштина повторувајќи го она што го напиша министерството за животна средина, соопштија дека не нашле ништо спорно во документите кои ги достави СДСМ, односно немало ништо незаконско. Од таму велат оти инспекцискиот надзор на Управниот инспекторат не утврдил незаконско постапување. „Оваа административна пракса на работа е воспоставена уште во 2017 година и континуирано се применувала под раководство на министри од СДСМ и ДУИ во претходните влади“, соопшти Владата. Премиерот Христијан Мицкоски вчера одговарајќи на новинарско прашање застана зад вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити велејќи дека со него имал „исклучително непосредна и блиска соработка“.„Апсолутно сите оние кои што поседуваат какви било докази за такво нешто за кое што Демократската унија за интеграција тврди, еве ги повикувам мојот број сите го знаат, денес, утре да дојдат, ако треба ќе напуштам состанок, да ги видам тие докази и да ги дадеме на органите кои што треба да постапуваат. Во спротивно, морам да ги предупредам од ДУИ дека продолжуваат да сеат пердуви да се занимаваат со магла“, рече Мицкоски на вчерашната прес-конференција. Извор: Новинска агенција МЕТА