Поранешниот македонски амбасадор во НАТО, професорот Нано Ружин е гостин во најновата епизода на емисијата „Пресврт“. Ружин во студиото на „Слободен печат“ говори за стратешкиот договор на Македонија со Обединетото Кралство, за телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот Владимир Путин и обидите за што побрзо изнаоѓање на мирно решение во Украина. Дипломатот со искуство се осврна и на претстојниот самит на НАТО во Холандија и најавите на администрацијата на САД за поголемо одвојување на членките на Алијансата за одбрана. Дали Македонија може да го достигне новиот праг од 5 отсто за одбраната и како? Ова се дел од темите и прашањата за кои професорот Нано Ружин зборуваше во емисијата „Пресврт“.
-Ние како држава со таква економија, како Албанија и Црна Гора, тешко можеме да издвоиме 5 отсто во однос на она што НАТО сега го побарува. Можеби, нашата дипломатија ќе треба малку да се потруди да каже, „ние не сме во состојба, бидејќи немаме ни капацитет, ниту економски, ниту финансиски, ниту технолошки“. Можеби да се поделат работите, и да се види во што и каде ние би можеле да учествуваме – оценува Ружин.
Според дипломатот, со изградбата на Коридорот 8, Македонија така би можела да го достигне тоа горно ниво на вложувања во одбраната кое НАТО го побарува.
– Јас, на пример, тоа го гледам преку анализата на некои геополитички прашања. На пример, за нас голем придонес е доколку го изградиме Коридорот 8, а би бил голем придонес и за НАТО. Бидејќи, три држави, Бугарија, Македонија и Албанија би се поврзале со тој коридор. Меѓутоа, тоа би било нешто од нашите адути. Но гледаме дека проблемот со Бугарија е многу сериозен, ние не сакаме да разговараме за таа тема, а одиме на Коридорот 10 кого го сочинуваат Орбан, Вучиќ, Мицкоски и Грција. Каква ќе биде релацијата и на кој начин тоа ќе биде прифатливо, уште не знаеме – анализира Ружин.
Целиот разговор со поранешниот македонски амбасадор во НАТО, Нано Ружин, можете да го погледнете вечер во 19.00 часот на каналот на Јутјуб и порталот на „Слободен печат“ во емисијата „Пресврт“ со Дејан Србиновски.