Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат на пресудата на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, на кого судот во Струга му изрече парична казна очд 10 илјади евра за незаконското поставување директори во основни училишта. Од партијата обвинија дека судиите и обвинителите избрани во Зајас и Струмица се заштитници на криминалот на СДСМ и ДУИ.
„За Мерко само парична казна за незаконско поставување директори во неколку училишта, осуден е само на парична казна од 100 дневни глоби од по 100 евра или вкупно 10 000 евра.
Ова доаѓа откако минатата недела истиот судија Мерко го прогласи за невин за набавката на луксузното ауди А6 од 67 000 евра и уште три други автомобили со вкупна вредност од 114 000 евра“ порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.Оттаму додаваат дека функционерите на СДСМ и ДУИ прекршувале законски прописи, ги урнисале институциите, но и покрај тоа влакно не им фали, и додека расипнички се однесувале кон државата и институциите енормно се обогатија врз грбот на граѓаните.
„САД го ставија Рамиз Мерко на американската црна листа поради значајна корупција но и тоа не им е доволно на судиите и обвинителите клиентелисти на Заев и Ахмети.
Олицетворение на правосудниот колапс е Рамиз Мерко, чии судски предмети чудесно застаруваа или беа сторнирани. Пресудите за Рамиз Мерко се доказ за правосудниот колапс на судиите и обвинителите избрани во Зајас и Струмица“ се додава во соопштението.
Оттаму велат дека легитимно се поставува прашањето дали постојат институции да го спречат Мерко.
Судот во Струга го прогласи за виновен градоначалникот Рамиз Мерко за незаконско назначување вршители на должност директори на општински основни училишта во селата Лабуништа, Радолишта и Подгорци. Му изрече казна од 10 илјади евра.