Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на одбележувањето на 5-годишнината од пристапувањето во НАТО, што се одржа во касарната „Илинден“ во Скопје. Посочи дека петтата годишнина од членството во НАТО ја одбележуваме во сенката на големата трагедија во Кочани, што на ужасен начин нѐ потсети дека безбедноста на граѓаните е една од основните задачи на државата. Успешната битка за животот на повредените од страшната трагедија, според претседателката, не беше можна без импресивната хуманост и солидарност на државите, народите и граѓаните од регионот, но и многу пошироко, како и од активираниот европски систем за цивилна заштита, но исто така и на НАТО, за што сме им бескрајно благодарни. Таа потсети дека уште од првите години на нашата самостојност и независност, македонското членство во НАТО беше препознаено како врвна стратешка цел, заедно со членството во Европската Унија. Според претседателката, факт е дека за остварување на оваа стратешка цел беа вложени огромни напори и направени големи жртви и болни компромиси, какви што не се барале од ниту една друга држава кандидат. Потенцираше дека најтешкиот дел од патот до НАТО беше изоден од воените и цивилни припадници на Армијата, коишто преку макотрпни реформи, континуирани воени вежби и ризични мировни мисии стекнаа непроценливо искуство, но и голема, заслужена почит од сојузниците.
Како врховна командантка на вооружените сили, се гордеам со нашата Армија, како важен и докажан актер во НАТО, рече претседателката. Порача дека како држава мораме да инвестираме во македонската одбрана и безбедност и дека ќе продолжиме да придонесуваме за мирот преку учеството во мировните мисии, предводени од НАТО и од Обединетите нации. Изрази уверување дека и покрај одредени недоразбирања, трансатлантската соработка, базирана на меѓународните правила и принципи ќе продолжи да биде темелот и гаранцијата на европската и евроатлантската безбедност и стабилност и посочи дека ние ќе продолжиме да чекориме и дејствуваме во заедничката насока. Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова. Почитувани припадници на Армијата, Почитуван Претседател на Собранието, г. Африм Гаши, Почитуван Претседател на Владата, г. Христијан Мицкоски, Почитуван Министер за одбрана, г. Владо Мисајловски, Почитуван Началник на Генералштабот на Армијата, г. Сашко Лафчиски, Почитуван Командант на Здружената команда на НАТО во Неапол, адмирал Стјуарт Манч, Ценети екселенции, Петтата годишнина од нашето членство во НАТО ја одбележуваме во сенката на големата трагедија во Кочани, што на ужасен начин нѐ потсети дека безбедноста на граѓаните е една од основните задачи на државата. Но, успешната битка за животот на повредените од страшната трагедија не беше можна без импресивната хуманост и солидарност на државите, народите и граѓаните од регионот, но и многу пошироко, како и од активираниот европски систем за цивилна заштита, но исто така и на НАТО, за што сме им бескрајно благодарни. Седум дена нѐ делат од 4 април, датумот кога во 1949-та во Вашингтон беше потпишан Северноатлантскиот договор со којшто е формирано НАТО. Со Договорот, земјите потписнички се обврзаа да ги штитат цивилизациските придобивки, демократијата, слободите и владеењето на правото преку колективната одбрана, се разбира, во согласност со целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации. Со други зборови, целта на постоењето на Алијансата се мирот и безбедноста на нејзините земји членки, но и во светот. Низ децениите, НАТО прерасна во стожер на северноатлантскиот, но и на европскиот безбедносен поредок како предуслов за мир и развој.
Уште од првите години на нашата самостојност и независност, се изгради надпартиски консензус меѓу македонските граѓани за потребата од интеграција во НАТО, како услов за создавање амбиент на мир, стабилност и просперитет на генерациите што доаѓаат. Македонското членство во НАТО беше препознаено како врвна стратешка цел заедно со членството во Европската Унија. Меѓу нас се дел од ветераните на македонската одбрана коишто своите кариери ги посветија на остварувањето на оваа цел. Но, факт е дека за остварување на оваа стратешка цел беа вложени огромни напори и направени големи жртви и болни компромиси, какви што не се барале од ниту една друга држава кандидат. Најтешкиот дел од патот до НАТО беше, секако, изоден од воените и цивилни припадници на Армијата, кои преку макотрпни реформи, континуирани воени вежби и ризични мировни мисии стекнаа непроценливо искуство, но и голема, заслужена почит од сојузниците. За тоа сведочат бројните признанија за стручноста, компетентноста, пожртвуваноста на припадниците на Армијата од страна на нашите стратешки партнери и високи претставници на НАТО. Не случајно, како врховна командантка на вооружените сили, се гордеам со нашата Армија, како наш важен актер во НАТО. Ценети присутни, Секој влог е важен, особено во ова време на голема неизвесност и нестабилност, кога Северноатлантскиот сојуз се соочува со глобални безбедносни ризици и регионални воени конфликти, со традиционални, но и со нови, хибридни и сајбер-закани од државни и недржавни актери. Вештачката интелигенција внесува дополнителна непредвидливост. Поредокот воспоставен по Втората светска војна минува низ голема трансформација. Наместо мултилатерализам, се соочуваме со опасност од мултиполаризација. Војната во Украина предизвика невидени човечки страдања и материјални штети и ја загрозува визијата за Европа обединета во мир. Конфликтите на Блискиот Исток генерираат нови човечки страдања и нови миграциски бранови. Кризната состојба бара брз и соодветен одговор. Далеку од тоа дека јас сум профил на човек кој се радува на војните. Во ова немирно време во кое доминира воинствениот Марс, јас сеуште посакувам нова доба водена од мирољубивата Венера. Но, иако честопати повикувам како Хемингвеј на збогување со војните и со оружјата, свесна сум дека се наоѓаме, можеби, во најкритичниот геополитички период по Студената војна. Безбедносните закани наметнуваат потреба од поголеми вложувања во одбраната, вклучително и во напредните технологии и оружја.
Затоа, како држава мораме да инвестираме во македонската одбрана и безбедност. Ќе продолжиме да придонесуваме за мирот преку учеството во мировните мисии, предводени од НАТО и од Обединетите нации. Ќе се усогласуваме со НАТО-стандардите и со Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија. Нашиот влог во Алијансата е истовремено и влог во нашата Армија, во бедемот на територијалниот интегритет и независноста на нашата Република. Почитувани присутни, Оваа годишнина е потсетник не само за патот што го изодевме до членството во НАТО и по него, туку и за основната идеја на Алијансата – да се овозможи мир и безбедност на земјите членки, на нивните народи, и тоа преку дијалог меѓу слободните по дух. Или како што славниот Белгиец рече ‒ Animus in consulendo liber. Верувам дека и покрај одредени недоразбирања, трансатлантската соработка, базирана на меѓународните правила и принципи ќе продолжи да биде темелот и гаранцијата на европската и евроатлантската безбедност и стабилност. Ние, пак, ќе продолжиме да чекориме и дејствуваме во заедничката насока. Ви благодарам.