Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Африм Гаши, учествуваше на презентацијата на Годишниот извештај за 2024 година на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. На овој значаен настан, на кој присуствуваа пратеници, претставници на државни институции, меѓународни организации и граѓанско општество, беше истакната важноста од продолжување на заедничката заложба за градење на поправедно, еднакво и инклузивно општество. Претседателот на Собранието во своето обраќање ја оцени работата на Комисијата како клучна институција во заштитата на човековите права и во решавањето на прашањата за дискриминација во сите нејзини форми. „Извештајот што се презентира денес е добар доказ за незаменливата улога и напорната работа на ова тело“, рече меѓу другото претседателот, честитајќи ѝ на Комисијата за професионалноста и посветеноста покажана во текот на 2024 година.
Тој истакна дека Собранието ќе продолжи да дава целосна поддршка за работата на Комисијата, притоа задржувајќи ја нејзината финансиска и институционална независност. „Како претседател на Собранието, тука сум да ја потврдам нашата посветеност за бескомпромисно зачувување на нејзината независност, како во финансискиот, така и во политичкиот аспект. Ова е институционална одговорност што мораме одлучно да ја браниме, како што оваа Комисија ги штити граѓаните од дискриминација“, рече тој. Меѓу другото, ја истакна важноста од вклучување на сите институционални и општествени чинители во борбата против дискриминацијата, изразувајќи го своето убедување дека еднаквоста е фундаментален принцип што мора да се гарантира за ниту еден поединец да не биде исклучен и дискриминиран.
Покрај претседателот Гаши, во оваа прилика говореа и Претседателката на Република Северна Македоника, г – ѓа Гордана Силјановска Давкова, Лимко Бејзароски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Димитар Апасиев, претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните и Рита Колумбија, постојан координатор на Обединетите нации во Република Северна Македонија.