Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта како дел од неговата турнеја во земјите од Западен Балкан, денеска ќе престојува во еднодневна посета на Скопје, каде ќе оствари средба со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. По средбата што ќе се одржи во Владата предвидена е заедничка прес-конференција на Мицкоски и Кошта. Кошта претходно ги посети Белград и Сараево, а целта на неговата регионална посета е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот и перспективата на земјите од Западниот Балкан за членство во Унијата.
– Зајакнувањето на соработката со Западен Балкан е врвен политички приоритет за ЕУ и за мене лично – порача Кошта во пресрет на неговата западнобалканска турнеја. Тој нагласи дека заминува во посета на регионот за да разговара со лидерите на земјите од Западниот Балкан, кои „се соочуваат со постојани предизвици“ и за да покаже дека ЕУ е подготвена да им помогне. Премиерот Христијан Мицкоски, во врска со посетата на Скопје на претседателот на Европскиот совет, истакна дека ќе бидат пренесени ставовите за уставните измени.
– Нашите ставови се јасни во врска со уставните измени и тука нема промена, затоа што од другата страна не гледаме барем во овој момент каков било сигнал дека има промена во однесувањето, односно од страна на нашиот источен сосед. Жалам што е тоа така и се надевам дека во периодот што следи повеќе ќе зборуваме за решенија отколку за проблеми – истакна Мицкоски. Додаде дека на покана на Кошта ќе го придружува на неговиот лет од Скопје до Тирана, каде што претседателот на Советот на ЕУ ќе приреди вечера за лидерите на Западен Балкан, додека в петок ќе имаат состанок на Европската политичка заедница во Тирана.