На денешниот брифинг со новинари, Граѓанската сила “Замисли” информираше дека акцијата за департизација во процесот на вработување на здравствените работници има поддршка од Министерството за здравство, за што се изрази благодарност, преку ветување дека предложените измени ќе бидат дел од новиот Закон за здравствена заштита. „Се подготвува нов Закон за здравствена заштита, којшто треба да биде готов до крајот на оваа година. Работат експерти и правници, кои цел живот работеле здравство. Јас би сакал јавно да им се заблагодарам на сите невладини организации коишто сакаат да помогнат во градење подобри институции на државата. Вие давате придонес, сите вие што учествувате во иницијативата, така што не би можел да замислам државна институција, министерство или Влада што ќе работи на слепо, без да ги слуша тие што се ‘out of the box’, надвор од тоа што се случува во нашето секојдневно работење. Вие имате позитивен удел, барем зборувам за мене како министер, а се надевам и во другите државни институции“, истакна министерот за здравство Арбен Таравари во видео материјалот направен за потребите на акцијата на „Замисли“.
Претставници на “Замисли”, инаку, ќе бидат дел од работните групи кои ќе го изработуваат новиот Закон, а од медиумите побараа да се врши јавен притисок и за овој процес да биде максимално транспарентен и за надлежните да си го одржат зборот. „Партиите мора да се тргнат од здравството“, порача Никола Димитров, претседател на граѓанската организација „Солуција“ и претставник на „Замисли“. Тој истакна дека клучна цел на акцијата е да се ограничи дискреционото право на директорите на клиниките при вработување, со цел да не се вработуваат кадрите избрани во партиските штабови, туку врз основа на квалификациите и искуството.
„За предложените промени во Законот за здравствена заштита се консултиравме со сите засегнати страни – Македонското лекарско здружение, Клуб на млади лекари, Здружение на специјализанти, истакнати лекари и универзитетски професори, како и Македонското здружение на млади правници коешто ни помогна во формулирање на правните одредби“, рече Димитров.
На брифингот учествуваше и универзитетскиот професор и лекар на Клиниката за токсикологија, проф. д-р Нико Беќаровски којшто рече дека „за жал, после 35 години работа како лекар и 33 години дел од научно – наставната дејност во здравството, мора да констатира дека денес здравството е полошо одошто во почетокот на 1990т-е.“ „Најголем виновник за тоа е партизацијата којашто му се случи на здравствениот систем, поради што и си заминаа илјадници млади лекари од Македонија. Просто е неверојатно како изгледа еден конкурс за вработување на клиника денес. Кандидатите што ‘треба да се вработат’, ги добиваат прашањата однапред, и за писмениот и за усниот дел, за да во случаи кога и покрај тоа, ако на првото место на ранг листата исплива кандидат што е поквалификуван, токму поради ова дискреционо право на директорот, се вработува оној за кого што партијата на власт одредила дека треба“, ги сподели своите искуства проф. Беќаровски, којшто е и активист на „Замисли“ и поддржувач на иницијативата за законски промени. Тој истакна некои од предложените законски измени на „Замисли“ за да се сузбијат овие аномалии.
„Прво, комисиите за прием да бидат исклучиво од стручните колегиуми на клиниките, а не да ги бира директорот. Испитните прашања да не бидат подготвувани во Министерството за здравство, па потоа праќани во плико, затоа што ‘вистинските’ кандидати секако ги знаат однапред, туку на лице место да бидат извлекувани прашања од еден широк опсег на 2-3.000 прашања. Директорите да немаат дискреционо право на крај да пресечат при изборот, туку тоа да го одлучува комисијата. Инаку, зошто би била нејзината работа воопшто?!. Да се воспостави фактор на конверзија при бодувањето на образованието на кандидатите, затоа што не е исто да дипломирате на Медицинскиот факултет во Скопје, Белград, Загреб или Сорбона, и на непознати универзитети низ регионов“, рече Беќаровски. За значењето на медицинските сестри во здравствениот систем и моменталните слабости во тој дел на брифингот зборуваше Гордана Бешлиовска, претседателка на Унија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри предводена од ЗМСТАС „За нас“. „Има огромни системски слабости во здравствениот систем коишто ги засегаат медицинските сестри, како една од клучните алки во негата и грижата за пациентите. Пред сѐ, крајно време е да се воведат лиценци за медицинските сестри, како што е во сите земји од регионот и пошироко. Со тоа ќе се овозможи појасно дефинирање на правата на овој медицински кадар, но и на одговорностите. Потоа, мора оваа држава да препознае дека има медицински сестри и со вишо и високо образование, коешто воопшто не се валоризира и верификува при конкурсите, што се отвораат исклучиво за сестри со средна стручна спрема. Исто така, медицинските сестри мора да имаат свое место таму кај што се носат одлуките, во управните одбори на клиниките и сл., а не упорно да се девалвира нивното значење за функционирањето на секоја здравствена установа“, истакна Бешлиовска. Таа додаде и дека голем број медицински сестри се соочуваат со проблемот на вработување со договор на дело, при што често го губат и тој статус, за да на нивно место се вработат кадри одобрени од партиските штабови. За ова, впрочем, и „Замисли“ доби неколку десетици пораки од граѓани што преку своите лични приказни посведочија за овие неправди.„Верувајте јас на колешки и колеги од странство не можам да им објаснам што значи тоа договор на дело. Тоа е недостоинствено за секоја професија, а особено за оние коишто со години ја извршуваат една од најтешките и најодговорните работи, здравствената грижа, а се без здравствено и пензиско осигурување.“