Сопственикот на нафтената компанија РКМ, Ратко Капушевски и Асмир Јахоски сопственикот на Пуцко Петрол се приведени во истрага за набавка на мазутот за ТЕЦ НЕГОТИНО и електрани. Надлежните само потврдија дека се вршат претреси во рамки на истрага на обвинителството за гонење на организиран криминал за злоупотреби при набавка на деривати.
„Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при БЈБ, МВР во координација со ОЈО за ГОКК по Наредба на судија на претходна постапка врши претреси на локации во Скопје и низ државата во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителни набавки на деривати, штета од големи размери за буџетот на државата и штета врз здравјето на луѓето“, велат од МВР за „Фокус“. Неофицијално, откриена е мрежа на увозници кои спротивно на законот испорачале некаков вид на горива со сомнително потекло и квалитет. Овие горива најчесто содржат високи нивоа на сулфур, тешки метали или други штетни соединенија што можат да доведат до сериозно загадување на воздухот и почвата. Според првичните информации се работи за огромна сума од околу 10 милијарди денари испумпани преку фиктивни договори за позајмици и посреднички услуги за испорака на сомнителни горива.