Православни верници – приврзаници на епископот Партениј, денеска од собир во Скопје побараа тој да биде избран за митрополит на дебарско-кичевската епархија, на местото на покојниот Тимотеј.Верниците, кои од плоштадот „Македонија“ се упатија кон резиденцијата на Архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, го искажаа своето незадоволство од процесот на избор за нов митрополит, пренесе ТВ „24“.
Незадоволните верници велат дека не е можно да се направи избор кога има само еден кандидат – монахот Георгиј, предложен од поглаварот на МПЦ, кој експресно е унапреден за да ги исполни условите.МПЦ-ОА официјално не реагира на иницијативата и на протестите, кои се засилија деновиве. Архиепископот Стефан денеска одржа литургија во Стоби, испрати само криптична порака: „Во овој раскаран свет, симболот на верата не е филозофска формула“.
Предлогот за избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија веќе е испратен до членовите на Синодот, а изборот е закажан за 12 јуни. Предложениот отец Георгиј бил декан на Богословскиот факултет и поранешен амбасадор во Ватикан. Тој се замонашил на 27 мај, следниот ден станал јероѓакон, а потоа и јеромонах.Протест за поддршка на епископот Партениј вчера се одржа и во Охрид.