Министерката за образование и наука Весна Јаневска по денешната средба со претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, изјави дека преговорите за колективниот договор за вработените во основните и средните училишта привршуваат и се очекува за брзо време тој да биде потпишан.
„Денешниов состанок е еден од бројните кои ги одржувам со нашиот социјален партнер со цел подобрување на правата и можностите на вработените во основните и средните училишта. Низ тој континуиран процес со бројни разговори и преговори постигнуваме одредени заеднички ставови кои мислам дека ќе ги досредиме во иднина и ќе дојдеме до конечното решение за потпишување на новиот колективен договор“,рече Јаневска.
Мартовската плата на вработените во основните и средните училишта, која ќе се исплати во април, како што рече Јаневска, ќе биде покачена за седум отсто како што беше претходно договорено. Лани имаа зголемување од пет проценти. И претседателот на СОНК потврди дека се во завршната фаза на преговори за колективниот договор за основното и за средното образование.
„Тоа се колективни договори кои не се обновени од 2008 година, што само по себе укажува дека се комплексни и дека се многу важни за нашите членови и за вработените во основното и средното образование. Токму затоа бараат многу сериозен пристап за носење на нивните финални решенија“,рече Неделков. Како синдикат очекуваат со новиот колективен договор да имаат многу повеќе привилегии за членовите што не се опфатени со соодветен закон или некој друг колективен договор.