Профил на Владимир Здравев, поранешен претседател на Советот на Општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ, а сега осомничен во истрагата „Феникс“ која се однесува на 11 споменици од контроверзниот проект „Скопје 2014“.
За него малку или воопшто не се зборуваше, кога тема на муабет беше „Скопје 2014“. Сепак, новата истрага за спомениците фрли светло врз Владимир Здравев, прикажувајќи го како важна алка во контроверзниот проект, пишува „Призма“ во портретот за поранешниот претседател на Советот на Општина Центар.
Овој 49-годишен скопјанец е во притвор од 30 јуни, во рамките на истрагата „Феникс“. Полицијата го приведе на границата кај Табановце.
Обвинителството ја истражува неговата улога во спорните тендери за леење на „Воинот на коњ“ и на уште 10 споменици додека беше прв човек на општинскиот Совет во Центар.
Најголем дел од кариерата ја поминал во администрација, 20 години бил на секакви функции, меѓутоа во притвор влезе како познат скопски угостител со амбиција да успее и во Италија.
Протеже на Груевски
Тој неслучајно е дел од најтесниот круг на некогашната фамилија на власт. Потекнува од истата улица во Капиштец како Никола Груевски и браќата Мијалкови, од маалото околу улицата „Васил Ѓоргов“, кое, се раскажува, му го дало прекарот Перхан.
Неговата кариера напредуваше под сенката на својот многу попознат комшија, од моментот кога Груевски беше реформаторска ѕвезда во владата на Љубчо Георгиевски, па сè до жестокиот пад на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година.
Во работната биографија напишал дека меѓу 1998 и 2000 бил ангажиран во Министерството за економија, а во 2000 година станал помошник на директорот во Управата за јавни приходи (УЈП). Раководел со процесот на фискализација и останал таму до 2003 година.
Паралелно со ова му бил советник на Груевски и во Министерството за трговија и во Министерството за финансии.
Од позицијата во УЈП, заедно со Гордана Јанкулоска и со Миле Јанакиески, членувал и во Управниот одбор на Националната платежна картичка што ја водеше помладиот од двајцата браќа Мијалкови, Влатко.
Беше човек од доверба на инаку недоверливиот преродбенички лидер.
Целиот портрет може да го прочитате ТУКА.