Околу 200 компании од Прилепскиот регион пројавиле интерес за да користат средства од унгарскиот кредит, а околу 25 фирми, во моментов, се со целосна документација, подготвени за аплицирање.
Според податоците што ги имаме добиено од комерцијалните банки, интересот секојдневно се зголемува за користење на унгарскиот кредит. Од 200 заинтересирани компании од Прилепскиот регион, 25 веќе имаат документација, подготвена за аплицирање. Компаниите би побарувале помеѓу 17 и 20 милиона евра. Позитивно е тоа што Владата, пред да ја донесе одлуката, ги прошири условите за аплицирање, и не само од производствената дејност и затоа од ден на ден интересот расте. Сметаме дека ќе има многу повеќе апликанти од претходно предвиденото, вели Никола Мариноски, претседател на прилепската регионална стопанска комора.
Според банките најмногу се бараат средствата за опрема и за изградба на стопански објекти.
Овој кредит е привлечен поради ниската каматна стапка и добриот грејс период од 3 години. Овие средства од кредитот за прилепското стопанство ќе значат многу бидејќи ќе влезат многу свежи пари. И бидејќи најмногу средствата се бараат за опрема и за градба, тоа значи и работа за градежните фирми и вработувања, објаснува Мариноски.
Првите исплати на средствата од унгарскиот кредит за стопанствениците, банките ги очекуваат во текот на овој месец.