Министерството за одбрана на Косово денеска ги демантираше медиумските наводи дека е планирано повлекување на американската армија од Косово. – Оваа вест, која ја шират некои веб-страници и телевизиски канали, е дезинформација која ја шират надворешни актери со цел да се дестабилизира земјата и Западен Балкан, се наведува во соопштението од косовското МО. Во соопштението се вели дека повлекувањето на американските трупи од НАТО-силите во Косово (КФОР) „не доаѓа предвид“, бидејќи таквите одлуки за распоредување или повлекување „не се носат случајно“.
Косовското Министерство за одбрана наведе дека е во постојана координација со САД за секоја одлука и во редовна неделна комуникација со КФОР, потенцирајќи оти тврдењата на медиумите се неосновани. Во КФОР има околу 600 американски војници. Западните земји стравуваат дека евентуалниот договор помеѓу Вашингтон и Москва за Украина и промената на приоритети на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп може да доведе до завршување на присуството на американски војници во делови од Европа.Повлекување на американските трупи од Косово? Страв и несигурност за Приштина