Денеска во Основниот суд Струга, после 10 месеци, продолжува судењето за оштетената Јалдз Веапоска, родилка од Дебар, која на царски рез остана без матката, јајникот и бубрегот. Обвинети се гинекологот и тогашен директор на струшката болница Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска. Во судницата се очекува да биде презентиран извештај од извршеното супервештачење, откако одбраната и обвинителството имаа спротиставени вештачења за тоа дали вадењето на органите претставувало тешко дело против здравјето на луѓето или претставувало неопходна интервенција за спасување на животот на Веапоска. Токму изработката на супервештачењето беше причина 10 месеци да се чека да се одржи судењето.
Според вештачењето на тројцата вештаци од Институтот за судска медицина влошувањето на состојбата на Веапоска дошло поради погрешни постапки од здравствените работници, додека вештачењето на техничкиот советник професор доктор Драге Дабески покажува дека обвинетите лекари не направиле пропуст при лекувањето на родилката, туку со дејствувањето ѝ бил спасен животот.