Никушор Дан победи со речиси 54 отсто од гласовите, поразувајќи го ултранационалистот Џорџе Симион кој важи за симпатизер на Трамп. Изборите беа гледани како тест за европскиот курс на Романија и отпорноста на популистичкиот бран. Проевропски ориентираниот кандидат Никушор Дан победи на претседателските избори во Романија, поразувајќи го екстремниот десничар Џорџе Симион. Дан освои речиси 54 отсто од гласовите оставајќи го зад себе Симион кој беше фаворит по првиот круг на 4 мај. Пресвртот се случи по телевизискиот дуел, каде Дан убедливо го надмина Симион. „Овие избори ја покажаа неверојатната моќ на романското општество. Ова беше победа на заедницата која сака длабоки промени во Романија“, изјави Дан пред насобраните приврзаници. Тој повика на трпение велејќи дека следува тежок, но неопходен период за стабилизирање на економијата и градење на здрава општествена структура.
Симион, кој во текот на денот се самопрогласи за „нов претседател“, сепак призна пораз во видео објава на платформата X. „Ја загубивме оваа битка, но не и војната“ рече тој ветувајќи дека ќе продолжи да се бори заедно со „суверенистичките патриоти и конзервативците ширум светот“. Изборите се одржаа пет месеци по поништениот прв изборен круг поради обвинувања за руско мешање и растечка популарност на крајнодесничарот Калин Георгеску, кој подоцна беше исклучен од трката. Над 10 милиони Романци гласаа во неделата, при што изборите беа обележани како пресметка меѓу проевропскиот курс и проруско-националистичките струи. Победникот Дан, инаку актуелен градоначалник на Букурешт, е голем поддржувач на членството на Романија во НАТО, продолжување на поддршката за Украина и борба против корупцијата.
И покрај поразот на изборите, Симион доби силна поддршка од романската дијаспора, особено во Австрија, Италија, Полска, Франција и Велика Британија. Во првиот круг, околу 60 отсто од дијаспората гласаше за него. Победата на Дан беше поздравена од бројни европски лидери, вклучувајќи ги Емануел Макрон, Доналд Туск, Маја Санду и претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, му честиташе и изјави дека со нетрпение очекува соработка за „отворена, просперитетна Романија во силна Европа“. Од друга страна, руското МНР реагираше на обвинувањата за руско мешање со иронична изјава: „Невозможно е да се мешаш во нешто толку хаотично, само можеш да се извалкаш. Не ги валкајте и другите“. Извор: Новинска агенција МЕТА