Под влијание на поголема влажна и нестабилна воздушна маса во склоп со плитката фронтална долина која се наоѓа над југоисточна Европа, во нашата Република Македонија следува подолг период на променливо облачно и многу нестабилно време со честа појава на локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, вели метеорологот Славчо Попоски.
„Локално процесите ќе бидат значително поинтензивни, односно ќе има појава на невреме, проследено со обилен пороен дожд за кратко време, кое може да услови локални поројни поплавувања, силен ветер, електирчни празнења и со појава на град. И во Скопскиот регион следува подолг период на многу нестабилно време со локална појава на пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за појава на невреме. Апелирам поради ваквата ситуација, во случај на појава на невреме и на електрични празнења, да се избегнува претстој на отворен простор и под осамени дрвја. Исто така, во случај на појава силен ветер граѓаните да ги заштитат своите автомобили, односно да избегнуваат да ги ставаат во близина на дрвјата.
За време на викендот, не се исклучува можноста на највисоките плански места во нашата Македонија да има појава на врнежи од снег“, вели Попоски.