Кочанската полиција поднесе кривична пријава против три лица, при претрес кај нив бил пронајден хероин, информираат попладнево од Министерството за внатрешни работи. Против три лица од Кочани, со иницијали С.А., С.А. и Н.А., на возраст од 34, 23 и 24 години, била поднесена кривична пријава по член 215 од Кривичниот законик за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”. Кај пријавените лица пронајдени биле 14,9 грама наркотична дрога – хероин. – Од страна на Основен суд – Кочани е определена мерка притвор во траење од 30 дена. Лицата С.А и С.А. се спроведени во „Затвор – Куманоно“, додека лицето Н.А. сѐ уште не е достапно за органите на прогонот и за истото ќе биде распишана централна потерница, се појаснува во соопштението на МВР.
Дополнително, најавена е и кривична пријава по член 242 од Кривичниот законик за „одземање моторно возило“ против 34-годишниот С.А., бидејќи на 22 март, одзел патничко возило „БМВ 318“ со кочански регистарски таблички. – По оперативно-тактички мерки, од страна на полициски службеници од СВР – Штип, предметното возило е пронајдено на 4 април, по што е вратено на сопственикот, потенцираат од МВР.