Оттука и се вперува прстот кон Западот како „уништувач на традиционалните вредности“. Мит е дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“, односно дека „Русија води света војна против безбожните сатанисти во Украина за да го заштити христијанството и традиционалните вредности“, оценува Euvsdisinfo во својата анализа за руската војна во Украина
Не е првпат пропагандата на Кремљ да ја прикажува Русија како заштитник на традиционалните и семејни вредности, како „чиста“ и единствено „нормална“ земја, за разлика од европските градови во кои доминира насилството, ЛГБТ доктрината, муслиманите и слично. Оттука и се вперува прстот кон Западот како „уништувач на традиционалните вредности“. Мит е дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“, односно дека „Русија води света војна против безбожните сатанисти во Украина за да го заштити христијанството и традиционалните вредности“, оценува Euvsdisinfo во својата анализа за руската војна во Украина Пишува: Ана Анастасовска
„Каде повеќе би сакале да живеете – Москва или Лондон? Ова е Москва – што забележувате?“ Изминативе месеци, на профили на социјалната мрежа Фејсбук, кои се познати по тоа што го поддржуваат Владимир Путин и неговата „специјална воена операција“ во Украина, сè почесто споделуваат видеа во кои прават споредба меѓу главниот град на Русија – Москва и некои од европските метрополи. Па така, на видеата од Москва, може да се забележат чисти улици, убави девојки, „стрејт парови“ и слично, додека на видеата од Лондон, Париз и други доминираат видеа со муслимани, со нечисти улици, лица со геј знамиња и т.н. Вистиномер успеа да улови некои од тие видеа. На ова видео од Москва, се прикажани убави и дотерани девојки кои шетаат по улица.
Според ѓубрињата од ЕУ/НАФО, Русите се „орки“. Дали се согласувате?, стои во објавата, а под неа може да се прочитаат коментари од типот: „Единствен нормален народ што остана на планетава“.
Видео со убави девојки од Русија е споделено и тука. Ова е Москва, што забележувате, стои во ова и ова видео.
А во коментарите следат одговори: Многу убави жени Нормална држава нормални луѓе. Следат видеа од Лондон. На нив може да се забележат собрани луѓе од муслиманска вероисповед. Ова е Лондон. За објавување на вакви содржини , властите можат да ве “почастат” со затвор до 3 години, стои во ова видео.
Во ова видео кое споделува паралелно кадри наводно од Русинки и муслимански жени, се поставува прашањето: Кој град би сакале да го посетите помеѓу Москва и Лондон? Москва, без да се размислува, е еден од одговорите.
Ова видео „забележува“ дека „Лондон повеќе личи на Африка благодарение на децениската масовна имиграција“.
Видеа се споделуваат и од Норвешка и Ирска. Ова е Норвешка. Но, искрено, тоа може да биде која било друга земја во Западна Европа, Канада или Австралија. Што мислат феминистките и ЛГБТ+ кои ја поддржуваат исламистичката имиграција дека ќе им се случи кога овие луѓе ќе станат мнозинство?
Ирска дами и господа.
Руска пропаганда Ваквите видеа ги забележал и Русинот Роман, кој на својот Јутјуб канал објавува еден свој коментар „Русија vs Западот (ВИСТИНАТА)“.
Како Русин, секогаш ми е интересно што мислат луѓето од Западот за Русија. Па, се испостави дека многумина на Запад мислат дека животот во Русија е подобар од САД или Европа. Денес ќе погледнеме неколку ужасни пропагандни видеа што ја споредуваат „чистата и недопрена“ Русија со „валканиот паднат Запад“. Москва наспроти Лондон – Кој ќе победи? Дали Москва е всушност почиста од повеќето западни градови? Каков е животот во Русија? И дали е всушност подобар отколку на Запад? Како личност која целиот свој живот живеела во Русија, а исто така патувала и во ЕУ, сакам да зборувам за тоа, пишува Роман во описот на видеото.
Тој забележува дека видеата кои руските пропагандни канали ги споделуваат од европските градови, обично прикажуваат кадри од протести или кога тие се покриени со ѓубре, обично после некои концерти или големи групни собирања или едноставно прикажуваат видеа од улици по кои се движат муслимани, бидејќи овие снимки во голем дел ги споделуваат и ги поддржуваат луѓе кои мразат имигранти. И ова за мене како Русин не е ништо чудно, сето тоа е дел од руската пропаганда која ги прикажува европските градови целосно уништени и полни со ѓубре, а луѓето во нив живеат ужасно, коментира Роман. Тој нагласува дека животот во Русија е далеку од идеален како што тоа се сака да се прикаже, дека московските улици не се толку совршено чисти и средени, а како што напоменува, на пример, Русија сè уште има голем проблем со дрогата.
Пропагандна тактика на Кремљ Не е првпат пропагандата на Кремљ да ја прикажува Русија како заштитник на традиционалните и семејни вредности, како „чиста“ и единствено „нормална“ земја, за разлика од европските градови во кои доминира насилството, ЛГБТ доктрината, муслиманите и слично. Оттука и се вперува прстот кон Западот како „уништувач на традиционалните вредности“. Мит е дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“, односно дека „Русија води света војна против безбожните сатанисти во Украина за да го заштити христијанството и традиционалните вредности“, оценува Euvsdisinfo во својата анализа за руската војна во Украина. Честопати, про-Кремљ експертите за дезинформации, особено Владимир Соловјов го користат овој дезинформациски наратив во врска со неоснованите обвинувања против Украина за наводен обид за уништување на Православната црква. Оваа манипулативна тактика се засили во 2019 година кога на Православната црква на Украина ѝ беше доделен статус на независна црква и повторно во ноември 2022 година кога украинската влада објави дека ќе подготви закон за забрана на црквите поврзани со Русија, пишува Euvsdisinfo.
Демонизирањето на Украина и нејзините западни поддржувачи како безбожници оди рака под рака со про-Кремљ дезинформациите дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“. Заедно, тие ја прикажуваат Русија како заштитник на овие вредности. Овој дезинформативен наратив за заштита на загрозените вредности е исполнет со хомофобија која често се претвора во отворен говор на омраза, заклучува Euvsdisinfo. Наративот за „загрозените вредности“ обично се користи за да ги оспори западните ставови за правата на жените, етничките и верските малцинства и ЛГБТКИ+ групите. Про-Кремљ експертите често го исмеваат наводниот западен „морален распад“ или „развратен став, а спротивно на тоа, Русија и православното христијанство се издвојуваат како вистински бранители на традиционалните вредности. Идејата за распаѓање на Западот, поставен против Русија која е „чувар“ на пристојноста и моралот, произлегува од самиот врв на Кремљ. Според анализата на Европскиот совет за надворешни односи од 2015 година, Путин веќе во 2013 година го зазел овој став, обвинувајќи ги „евроатлантските“ земји за нивната морална декаденција.
Еден паметен пропаганден трик беше да се подобри имиџот на злобниот Запад со спојување на социјалниот конзервативен и антизападниот став. На овој начин, Западот и западњаците, хомосексуалците, либералите, современите уметници и нивните обожаватели, оние кои не се однесуваа кон Руската православна црква со должна почит и оние кои се осмелија да се сомневаат во беспрекорното историски досие на Русија, сите беа претставени како едно „неделиво зло“, закана за Русија, нејзината култура, нејзините вредности и нејзиниот национален идентитет, се наведува во анализата на Европскиот совет за надворешни работи. Руските дезинформации се насочени кон Европската Унија Русија продолжува да спроведува кампањи за дезинформации против Европа, забележува фондацијата за глобално истражување и аналитика „Џејмстаун“. Тековната кампања за дезинформации на Русија се врти околу три клучни идеи, пишува „Џејмстаун“: ширење на антиукраински агенди, анти-ЕУ теми и наративи и величење на Русија, нејзиното военополитичко водство, дипломатија и економски „достигнувања“. Да се биде цел на руска кампања за дезинформации не е ништо ново за Европската Унија. Според фондацијата „Џејмстаун“, од 2015 година претставници на ЕУ и експерти за дезинформации проследиле над 17.000 случаи на пропаганда против ЕУ генерирана од Русија, а само првата половина од 2024 година се обележани 1.500 случаи. Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар Извор: Новинска агенција МЕТА