Ако сака да ја деблокира само Комисијата, Гаши нека свика пленарна седница и заедно со мнозинството да го укинат заклучокот и интерпелацијата против Даути, а потоа, по предлог на пратеничката група на Европскиот фронт, повторно да ја изберат Даути за претседателка на Комисијата. На претседателот на Собранието Африм Гаши не му успеа обидот да ја деблокира Комисијата за социјална политика бидејќи пратеникот Бејџан Иљас од Европскиот фронт одби да претседава со седницата. Комисијата е блокирана речиси половина година зашто експретседателката на работното тело Илире Даути одбиваше да го стави на дневен ред Законот за бранители ако со него не бидат опфатени и поранешните припадници на ОНА, поради што Собранието ѝ изгласа интерпелација и таа си поднесе оставка од функцијата. И додека Гаши засега останува на одлуката Иљас да претседава со Комисијата, од Европскиот фронт му порачаа дека ниеден пратеник од опозицијата нема да предложат на местото на Даути и го повикаа претседателот на парламентот и мнозинството да ја поништат интерпелацијата.
Иљас за „Слободен печат“ вели дека седницата нема да се одржи зашто Гаши без консултација со него ја закажал и него го назначил за претседавач. Тој вели дека од субјективни причини не е во можност да претседава со седницата, но и да можел тој нема да раководи со Комисијата за социјална политика зашто смета дека по интерпелацијата и оставката на Даути од претседателската позиција на тоа место треба да се избере нов претседател.
– Нема да претседавам со Комисијата за социјална политика поради болест на член на семејството. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, пред да ја закаже седницата на Комисијата, не ме консултираше. Пораката за седницата од претседателот ја добив во петокот попладне и утрово ги информирав собраниските служби дека нема да претседавам со седницата. Но и да не беа субјективните причини, јас не гледам оправдана причина јас да претседавам со Комисијата поради начинот на кој, на колешката Даути ѝ беше изгласана интерпелацијата, по што таа поднесе оставка од претседателка на тоа работно тело – вели Иљас за „Слободен печат“.
Тој смета дека треба да се избере нов претседател на Комисијата на местото на Даути или со работното тело треба да претседава заменик-претседателот. Иљас решението го гледа во договор меѓу парламентарните партии за местото претседател на Комисијата за социјална политика, зашто како што вели, со таа Комисија треба да раководи пратеник од опозицијата. За да нема застој во работата на Собранието, Иљас смета дека законите кои треба да бидат разгледани во Комисијата за социјална политика, да бидат ставени во други комисии, како што тоа за одредени закони веќе се случило. Претседателот на Собранието, повикувајќи се на членот 126 став (3) од Деловникот на Собранието, ја свика Комисијата.
– Ве известувам дека согласно членот 126 став (3) од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија со седмата седница на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, ќе претседава членот на Комисијата, пратеникот Бејџан Иљас. Во случај на спреченост на членот на Комисијата за присуство на седницата, потребно е навреме да го известите претседателот на Собранието на Република Северна Македонија и претседавачот со оваа седница на Комисијата и да определите заменик од редот на замениците членови на оваа Комисија – пишува во дописот од Гаши.
Иако Иљас одби, Гаши засега останува на одлуката тој да претседава со Комисијата. Од Кабинетот на претседателот велат дека координаторот на Европски фронт ги известил дека пратеникот Бејџан Иљас денеска ќе биде отсутен од сите активности во Собранието. Од таму информираат и дека Гаши не ја променил одлуката Иљас да претседава со седницата на Комисијата.

По интерпелацијата и оставката на Даути, Европскиот фронт информираше дека до претседателот Гаши нема да достави нов предлог за претседател на работното тело. Од Фронтот и сега му порачаа на Гаши да се откаже од намерата преку Комисијата за социјална политика да го деблокира Законот за бранителите.
– Ако сака да ја деблокира само Комисијата, нека свика пленарна седница и заедно со мнозинството да го укинат заклучокот и интерпелацијата против Даути, а потоа, на предлог на Европскиот фронт, повторно да ја изберат Даути за претседателка на Комисијата. Европскиот фронт нема да испрати друг предлог и нема да прифатиме ниту една друга мрачна игра што Гаши ја зготви со своите господари за да го прошверцува Законот за бранители. Го повикуваме да не се обидува да го прави ова и со било кој друг пратеник со тоа што ќе го постави за претседател – вели Елми Азири заменик-координатор на Европскиот фронт.

На Даути, на почетокот на годинава, со 61 глас „за“, 22 „против“ и ниту еден „воздржан“, Собранието ѝ изгласа интерпелација. Интерпелацијата беше поднесена од пратениците на Левица. Во образложението на интерпелацијата беше наведено дека претседателката на Комисијата со нејзиното несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување ја кочи постапката за носење на Законот за бранители со тоа што не го става на дневен ред на Комисијата. По речиси една недела откако ѝ беше изгласана интерпелација, Даути на 16 јануари си поднесе оставка. Оттогаш Комисијата за социјална политика не заседавала.