Нов раст на приходите, но и на платите на вработените бележи Агенцијата за цивилно воздухопловство или АЦВ. За плати Агенцијата за цивилно воздухопловство во текот на минатата 2024 година потрошило рекордни 2,38 милиони евра или како што е наведено во годишниот извештај доставен во Собранието точно 146.850.120 денари.
Од сумата која за разлика од 2023 година е повисока за 21,4 милиони денари, се добива впечаток дека просечната плата во оваа институција е 2,426 евра по вработен, а во споменатата сума се вклучени и придонесите.Секако, сосема очекувано е дека хиерархиски платите се повисоки за лицата на раководни позиции, додека пониски за оние на пониските позиции.
– Расходна ставка Плата и надоместоци на плата-бруто, вклучени се бруто платите на вработените, придонеси за задолжително социјално осигурување, персонален данок на доход и нето плата, во износ од 146.850.120 денари. Во 2023 година овие расходи изнесувале 125.429.222 денари – се наведува во извештајот кој е пред народните избраници.
Агенција за цивилно воздухопловство е во сопственост на државата, односно нејзин основач е Собранието и тоа има влијание врз процеосот на одлучување и контрола врз работата на Агенцијата. Најголемиот дел од активностите се поврзани со регулација на цивилното воздухопловство па во таа насока активностите се поврзани со EUROCONTROL, ICAO, М-НАВ, ТАВ МАКЕДОНИЈА како концесионер на ародромите во Македонија.
Во оваа агенција вкупниот број на вработени достигнува 82 работници, а од нив најголем број се со висока стручна спрема со 240 кредити и тоа вкупно 49 вработени. Има 16 магистри, 12 работници со средна стручна спрема, 3-ца доктори на наука и две вработени лица со висока стручна спрема од 180 кредити.
Во извештајот кој го одобрил актуелниот директор на АЦВ, Драги Стојаноски, како и претседателот на Управниот одбор, Раим Бајрами се посочени и најбитните сегменти од работењето на Агенцијата во текот на минатата година.Според податоците АЦВ годината ја заврши со зголемени приходи.
– Агенцијата за цивилно воздухопловство од 01.01.2024 година заклучно со 31.12.2024 година остварила добивка пред оданочување во износ од 51.593.010 денари, и добивка по оданочување во износ од 46.254.925 денари. Ваквиот финансиски резултат произлегува од зголемување на вкупните приходи за 7,29 отсто и вкупните расходи за 10,87 проценти – се посочува во извештајот.Во него исто така е истакнато дека капиталот и резервите на 31.12.2024 година се зголемени за 17,13 отсто.
– АЦВ во 2024 година искажала нето паричен прилив од сите активности во износ од 44.871.282 денари. Нето паричните текови од оперативни активности изнесуваат 52.094.398 денари, од вложувачки активности нето паричен одлив во износ од 3.344.329денари, додека од финансиски активности нето паричниот одлив изнесува 3.878.787 денари– нагласуваат од Агенциајта.
Воедно додаваат дека според показателите за работењето имаат висок степен на финансиска стабилност, финансиска ликвидност, деловна успешност, како и соодветен пораст на надоместоците на вработените кои се однесуваат на нивно усовршување.
– Споредбените податоци на планираните со остварените приходи и расходи за 2024 година покажуваат дека остварените приходи се поголеми од планираните за 3,31 отсто, а остварените вкупни расходи од работењето се помали за 14 проценти – се потенцира во извештајот.