Операторот на системот за пренос на електрична енергија АД МЕПСО во текот на минтатата година ги зголемил трошоците за плати на своите вработени за 26 отсто, што го покажуваат објавените извештаи на државното акционерско друштво. Електроенергетскиот оператор во текот на 2024 за бруто плати за своите вработени потрошил точно 11 милиони евра, додека една година претходно овој трошок изнесувал 8.735.000 евра, а ова е прикажано во финансискиот биланс на друштвото. За МЕПСО во 2024 работеле 658 вработени како просечен број, па ако сумата се подели и се конвертира, излегува дека просечната индивидуална месечна нето плата е 56.480 денари. Ако се спореди со само една година пред тоа, излегува дека просечната нето плата по вработен се зголемила за 7.762 денари на годишно ниво.
Ако во 2023 платите биле основа за 7 отсто од вкупните расходи, во 2024 тие биле дури 11 проценти од структурата на вкупните трошоци. Компанијата минатата година ја завршила со 50 вработени повеќе, а во платите покрај редовното работење, влегувале ноќната и прекувремена работа, празници и дежурства. „Масата од бруто плата на износ од 676.487.376 денари е исплатена на 658,83 просечен број на вработени пресметани според вкалкулирани часови за дванаесетте месеци од 2024. МЕПСО годината ја завршува со 625 фактички број на вработени. Во 2023 стварниот број на вработени изнесуваше 575 вработени“, објави МЕПСО. За останати трошоци за вработените биле потрошени 757.000 евра, а тоа е прикажано како друг посебен расход. Пред една година била поделена слична сума – 647.000 евра како посебен трошок за вработените, како што е К-15, награди и друго. МЕПСО минатата година остварил 108 милиони евра вкупни приходи, а прикажана е добивка од 8,6 милиони евра.