Денеска во 12:30 часот ќе се одржи протест против загадувањето на Крива Река и во знак на револт од реакцијата на надлежните државни институции на хаваријата која се случи на 14 март. Маршот, во организација на движењето „Зелен хуман град“ ќе почне пред Министерството за животна средина и просторно планирање, а ќе заврши пред Пред Државниот инспекторат за животна средина.
Од граѓанското движење велат дека институциите што требаше да ја спречат и превенираат хаваријата во рудникот „Тораница“, не само што дозволија таа да се случи, туку и затаија. „И кога надлежните затајуваат, од кого да очекуваме веродостојни и итни информации за квалитетот на водата од која се наводнуваат посеви и се напојува добиток? Сите сме загрозени! Да не беше риболовниот клуб „Мрена“ да земе мостра уште истиот ден на самото место, денес воопшто немаше да знаеме колку и со што е затруена Крива Река! Веќе не е важно дали си независен, партиски поддржувач, активист, апатичен, млад, стар, жена, маж, дете, куче, риба или птица. Важно е дека сите пиеме иста вода, дишеме ист воздух и јадеме храна од истата загадена почва. И сите ќе ја платиме цената“, пишува во најавата на протестниот марш на „Фејсбук“.
Од „Зелен хуман град“ се загрижени откако Инспекторатот за животна средина по хаваријата на 14 март прво воопшто не зеде мостри од Крива Река, а потоа, без да ја испита водата, го прифати лажното објаснување од компанијата „Булмак“ дека во истечената вода немало штетни материи. Наспроти ова, независната анализа која ја нарача градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски, покажа многукратно зголемени концентрации на олово, цијанид, арсен и други отрови во реката.
„Дури два дена по нашето барање за информации, ДИЖС за првпат назначи овластено лице за слободен пристап до информации, што е директно кршење на Законот. Објавеното Решение за надзорот спроведен од ДИЖС во рудникот Тораница е нецелосно, полно со недоследности и грешки и не наложува соодветни мерки или санкции пропорционални на хаваријата. Клучни информации за инспекцискиот надзор, како на пример, земање примероци од акредитирана лабораторија (што е законска обврска), не се споменати во Решението. ДИЖС блокира активистички групи и граѓани на социјалните мрежи (меѓу кои и ЗХГ) и оневозможи коментирање, покажувајќи отсуство на волја за дијалог со загрижената јавност“, велат од „Зелен хуман град“.