Десетици илјади луѓе протестираа низ Словачка каде се зголемува гневот кај народот поради очигледниот притисок на премиерот Роберт Фицо за поблиски врски со Русија. Протестите во петокот вечерта, на кои се собраа околу 60.000 луѓе во главниот град Братислава, беа последниот изблик на гнев против Фицо, по неговата посета на Москва и разговорите со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин. Граѓанската организација Миер Украина – „Мир за Украина“ – соопшти дека протестите се за одбрана на „демократијата“ по изјавите на премиерот за промена на надворешната политика на Словачка и напуштање на Европската унија и НАТО.
„Ние не сакаме да бидеме со Русија… Ние сакаме да бидеме во Европската унија, сакаме да бидеме НАТО и сакаме да останеме такви“, вели Франтишек Валах, еден од демонстрантите во Братислава. Тензиите ескалираа откако левичарската националистичка влада на премиерот ги обвини организаторите и политичките противници за обид за „државен удар“ во сојуз со неодредена група странци. Фицо, кој беше ранет во напад од вооружен маж минатата година, тврдеше дека група неидентификувани експерти присутни во Словачка помогала при протестите во Украина во 2014 година и во Грузија минатата година, поврзувајќи ги неговите тврдења со таен извештај на разузнавачките служби на земјата, познат како СИС.
Тој не презентираше конкретни докази, но јавно рече дека опозицијата планира да ги окупира владините згради, да блокира патишта, да организира штрајк низ целата земја и да предизвика судири со полициските сили како дел од плановите за соборување на неговата влада. Опозициските партии побараа гласање недоверба на владата на Фицо, но тој се чини дека може да опстане на власт бидејќи има тенко мнозинство. Протестите во петокот се приближија до нивото забележано во 2018 година, кога по убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак, Фицо поднесе оставка. При посетата на Москва во декември, Фицо се сретна со Путин, што е една од ретките средби на лидер во ЕУ откако Русија ја нападна Украина во 2022 година. Фицо беше во отворен спор со Украина откако Киев го запре транзитот на рускиот гас за Словачка на 1 јануари и се закани дека ќе ја прекине хуманитарната помош како одмазда.
„Господин Фицо е многу агресивен и тоа ме вознемирува. Тој изгуби секаква смисла и треба да се откаже од јавниот живот. Не можеме да молчиме, инаку ништо нема да се промени“, рече Јозеф Бетак, 49-годишен специјалист за телекомуникации, на протестот во петокот во Братислава.